Полициски детали за функционерската сообраќајна драма

Првиот судар со службениот џип, функционерот со иницијали Д.С, за кој полициски извори велат дека е заменик министерот за труд и социјала Диме Спасов, го направил во Градскиот парк во Скопје, каде удрил во автомобил со марка Фолксваген, е наведено во полицискиот билтен. Во него се вели дека функционерот не застанал, туку продолжил да вози кон скопската населба Тафталиџе каде што удрил во друго возило со Рено и продолжил без да застане. Во меѓувреме, возачот на Фолксфагеонот повикал полиција и го следел Туарегот.

Полициската патрола го сопрела на улица Алжирска, каде што утврдила дека џипот Туарег е во сопственост на Агенцијата за вработување. Во билтенот е наведено дека возачот со иницијали Д.С., прво признал дека тој го возел службениот џип, но набрзо по признавањето додека полицајците разговарале со неговата сопатничка, побегнал.

Осомничениот трчал по улицата „Дрезденска“ по што по него во потрага тргнале полициските АЛФИ, кои извршиле обиколка во соседните улички но не го нашле. По извесно време на улицата Алжирска се појавило друго лице за кое се претпоставува дека е службениот возач на Спасов. Тој тврдел дека токму тој го управувал возилото, иако полициската патрола не го затекнала во возилото кога ги сопрело.

Дополнително полицијата смета дека од неговата изјава може да се заклучи дека не ги познавал околностите во кои се случиле претходните сообраќајни незгоди кои веќе биле пријавени од страна на оштетените. Во полицискиот билтен е наведено и дека неговиот исказ не кореспондира со изјавата на сопатничката која останала само по сообраќајните незгоди во службениот џип.

Според информациите во дел од медиумите, Спасов се уште не се појавил во полициска станица да даде изјава за случувањата и до сега не му е направен алкотест.

Утринава со реакција се јави и кабинетот на дополнителнот заменик министер за труд и социјална политика Спасов во која се вели дека со невистините објавени во дел од медиумите се нанесува штета на угледот на дополнителниот заменик министер и дека целта е политичко оцрнување.