Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска бара Јавното обвинителство да каже дали лицата кои вонинституционално прибираат податоци за предизборни притисоци досега воопшто доставиле каква било пријава или докази за сторено кривично дело. Само таквиот податок, според неа, е релевантен да се оцени сериозноста на тие активности. Непријавувањето кривично дело е исто така кривично дело, рече на прес-конференција Арсовска Томовска, оценувајќи дека повиците од дополнителниот заменик министер Александар Кирацовски да се пријавуваат кривични дела за предизборни притисоци на приватни веб страници, вонинституционално, се надвор од законските процедури и се користат само за медиумски кампањи и политичка промоција.
Кирацовски, пак, реагира дека фактот што досега ниту една пријава за политичко влијание и притисок врз администрацијата не стигнала до министерката и Министерството, укажува дека граѓаните воопшто не им веруваат на, „партиските кадри во институциите, поставени од ВМРО-ДПМНЕ“.
„Граѓаните многу добро знаат дека изворот на сите нерегуларности во изминатиот период не може истовремено да биде и фактор за нивно решавање“, се вели во реакцијата од кабинетот на Кирацовски.