OJO- Јанева е непрофесионална и штети на професијата

Архивска фотографија- Основно јавно обвинителство Скопје

Јавните обвинители од Основното јавно обвинителство упатија отворено писмо до специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за, како што пишуваат, најотворено, недвосмислено и најостро да и укажат на нивното незадоволство од нејзиното „постапување и срамната непрофесионалност“ со која правeла штета на јавно обвинителската професија.

Тие тврдат дека таа досега правела пропусти и незаконитости во нејзиното работење, но дека со нејзиното последно појавување во јавноста и преку последите случувања таа изнела неколку невистини- едната поврзана со деловодните броеви на предметите, а другата дека во предметите кои и ги предале немало ниту едно преземено дејствие.

“Јавното обвинителство согласно законот Ви предаде 35 оформени предмети кои беа работени од страна на 23 различни јавни обвинители. Дел од нив беа јавните обвинители кои сега работат кај Вас. Во секој од предметите беа преземени дејствија, издадени наредби, сослушани сведоци, оштетени, осомничени.. прибавени податоци и документација. Дел од предметите дури беа и пред правна одлука. И ние, ги работевме и сето тоа го презедовме, иако кај нас не беа доставени снимките кои Вие еве веќе една година ги имате, а сработивте само неколку“ тврдат обвинителите од Основното јавно обвинителство.

Вработените во институцијата што ја раководи Марко Зврлевски наведуваат и дека основното јавно обвинителство Скопје, сите јавни обвинители, постапуваат по правни стандарди кои, како што пишуваат Јанева не ги почитувала, а посебно пак не го почитувала и јавно обвинителскиот кодекс.

''Ве прашуваме, кој правен стандард е незаконското лишување од слобода на лице, за кое вие јавно признавте дека било незаконско, но само час и половина? Малку незаконско дејствување, час и половина. Кажете ни, кој временски период на незаконско дејствување не се смета за незаконско? Ве прашуваме, според кои стандарди и закони, Вие давате наредба на ваш истражител да следи и снима лице осомничено во ваш предмет? Дали имавте за тоа судска наредба за посебна истражна мерка? Дали Вие и вашите „ повисоки стандарди” всушност во правниот промет вметнуваат и правна несигурност. Би сакале да знаеме, бидејќи за нас е незамисливо да се следи и снима објект или лице кое е осомничено од страна на било кој без постоење на изричита судска наредба“ пишуваат обвинителите.

Тие ја прашуваат специјалната обвинителка и дали со усна наредба испратила и приватен детектив кој исто така вршел следење и снимање на осомничено лице во нејзин предмет. Тие забележуваат и дека не направила записник од предавање на снимките, не поднела отчетност за финансиското работење, ја нарушила пресумцијата на невиност, а дозволила непотизам во СЈО.

Писмото јавните обвинители го завршуваат со латинската поговорката „чесно живеј, друг не повредувај, на секој дај му што му припаѓа“.