Партијата Унитети денеска до Уставниот суд достави иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за распишување на предвремени избори за пратеници од страна на претседателот на Собрание на Република Македонија.
Пратеникот на Унитети Зуљфи Адиљи рече дека со оваа иницијатива се оспорува Решението за предвремени парламентарни избори закажани за на 11 декември бидејќи без балансирање на изборните единици се кршел Член 22 од Уставот кој гарантира еднаквост на избирачкото право, како и Член 51 од Уставот.
Од партијата тврдат и дека оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ намерно ја оставила Шестата изборна единица да има огромни отстапувања во бројот на гласачите.
Државната изборна комисија во мај, пред изборите тогаш договорени за петти јуни, испрати допис до Собранието за небалансираноста на бројот на гласачите во неколку изборните единици. Тогаш и ДУИ најави иницијатива до Уставниот суд, а и сега од партијата тврдат дека се доведува во прашање легитимитетот на изборите по основ на законитоста која што е определена со Закон и Устав.