Иако формирањето на десниот опозициски блок не е комплетирано и се уште се водат преговори со партиите кои би можеле да станат дел од него, овој политички блок станува дел од изборните прегрупирања и калкулации. Домашните аналитичари уверуваат дека самостојниот настап на партиите од овој блок нема да им донесе ниту еден пратеник, но, типуваат на минимални, а сепак реални шанси за усвојување на некое пратеничко место само преку здружување на силите.
„Мислам дека овој блок ќе привлече најмногу гласови од оние кои не се задоволни од работата на ВМРО-ДПМНЕ, а во исто време пак не би сакале да го дадат својот глас на СДСМ и опозицијата. Таргетот значи ќе бидат незадоволните гласачи кои традиционално припаѓаат на десницата“, вели политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.
Во една партија којашто со години е на власт, природно да се создаваат група на незадоволни кои се групираат во една десница, посочува аналитичарот Џељал Незири. Тој е убеден дека таа десница ќе ги привлече гласовите на граѓаните кои порано гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а во меѓувреме се разочарале од нивното работење.
„Таа група на незадоволници веројатно е доволна, за да дојде до пратенички места. Очекувам таа да биде алтернатива на актуелната десница, која е обвиткана со коруптивни скандали и афери, што пак е дополнителна околност за добивање пратеници на обединетата десница", вели Незири.
Во ваква констелација на реализирање на изборите и со конкретниот изборен модел Гаџовски вели дека прагот за влегување на еден пратеник е висок, но дека на крајот тие гласови ќе се прелеат кај победникот на изборите.
„Доколку евентуално се формира пратеничка група од овој блок се поставува друго прашање. Тие тргнуваат во изборна кампања како опозициски десничарски блок, кој таргетира гласачи од ВМРО-ДПМНЕ, но не можеме со сигурност да тврдиме дека после изборите дел од пратениците од тој блок, не би коалицирале повторно со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Гаџовски.
Незири смета дека постоењето на оваа алтернатива само по себе е голем ризик за ВМРО-ДПМНЕ, односно ризик од создавање на поголема фракција во партијата и преминување на поголема група функционери од владејачката партија во обединетата десница.
„Оваа десница ќе игра значајна улога во конечните изборни резултати. Дали таа десничарска маса на гласачи ќе биде издвоена во две групи или ќе остане само во ВМРО-ДПМНЕ ќе видиме. Најголема придобивка од можното фракционирање на ВМРО-ДПМНЕ ќе има опозицијата, кај која, пак, се забележува обратниот процес, односно процесот на обединување на целата левица во една голема коалиција“, изјави Незири.
Иако мнозинството членови на ВМРО-НП веќе гласале за опцијата партијата да биде дел од десниот опозициски фронт, аналитичарите не се убедени дека тоа ќе се случи, ако се имаат предвид ставовите на дел од раководството. Дел од Коалицијата за промени и правда, се партиите ФРОДЕМ, Демократскиот Сојуз на Павле Трајанов, ДЕМОС и МОРО Работничка партија, а во тек се преговорите со Достоинство на Стојанче Анѓелов.