Бавен напредок на истрагата во УБК

Прес конференција во Специјалното јавно обвинителство. Обвинителките Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, 20.10.2016

Минстерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево рече дека двете судски наредби ќе бидат завршени до крај. Дополнителниот заменик министер Оливер Андонов го обвини СЈО за нестручност. Од обвинителството се пожалија за несоработка.

По деноноќните тензии и препукувања во врска со истрагата на Специјалното јавно обвинителство во Управата за безбедност и контраразузнавање, обвинителите почнаа со работа. За судската наредба за одземање на документација се постапува и се врши попис за одземени предмети и потоа ќе следува одземање на книгите за евиденција, изјави денеска обвинителка Ленче Ристоска.

„Се убедуваме дека треба да се спроведе судска наредба што е преседан и прашуваме каква порака испраќаат до граѓаните луѓето од УБК кога државна институција не почитува судска наредба“, рече таа.

Ристоска објасни дека СЈО од Основниот суд добило две судски наредби - една за одземање на службена документација за посебните истражни мерки и книгите за евиденција и другата - наредба за претрес на компјутерски систем и податоци со која е дозволено да се изврши претрес и пребарување на специфични и круцијални податоци врз основа на кои ќе се утврди кои броеви биле предмет на следење.

Двете одговорни лица, пак, кои имале пристап до системите, како што рече Ристоска, биле во странство и од Управата им ветиле дека ќе се обидат да се вратат.

Не знам каде се, решенијата за патување ги издава директорот на УБК, рече попладнево министерот за внатрешните работи Оливер Спасовски.

„Влезени се обвинителите во Министерството за внатрешни работи, односно во УБК. По едната наредба се постапува и за тоа уште синоќа ја информирав македонската јавност, по втората наредба која се однесува на добивање на електронските податоци се бараат технички можности тоа да се среди и двете наредби ќе бидат завршени до крај“, рече Спасовски.

Пред него, во МВР прес-конференција одржа дополнителниот заменик министер Оливер Андонов. Тој рече обвинителката Катица Јанева била нестручна, но нагласи дека УБК, Бирото за јавна безбедност и воопшто МВР се подготвени за соработка со СЈО. Доколку настанат последици по националната безбедност, Андонов рече дека ќе бара одговорноста да ја преземе Катица Јанева и нејзиниот тим.

„Нема да дозволиме да биде загрозена безбедноста на Република Македонија, државната безбедност, националната безбедност и безбедноста на граѓаните“, рече Андонов.

Обвинувањата, главно меѓу СЈО, Андонов и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков почнаа уште по полноќ.

Директорот на УБК Владимир Атанасовски, тврдеше дека не вршеле опструкции и дека ќе постапуваат по судската наредба, но дека не треба да имаат прекин во спроведувањето на посебните истражни мерки.

Ристоска денеска демантираше дека се интересираат за активните посебни истражни мерки и дека бараат нивни прекин, туку дека сакаат да ги испитаат досегашните злоупотреби.