Канческа-Милевска: Не сум виновна, тезите на СЈО се „рекла-казала“

Архивска фотографија: Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска дава отчет за проектот Скопје 2014 на прес-конференција во владата на 22 април 2013

Не сум виновна, сè е работено по закон, а истрагата на СЈО е во функција на предизборна кампања, рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција во Музејот на ВМРО.

Претходно Специјалното јавно обвинителство претстави две нови истраги, од кои едната се однесува на незаконско работење во Министерството за култура.

Канческа-Милевска вели дека од СЈО очекувале професионалeн и објективeн однос, кое ќе биде во служба на вистината, а денешната прес-конференција била, како што вели, во функција на изборите и само за оцрнување на вработените во Министерството за култура. Тоа нема да го дозволам, рече министерката.

„СЈО докажа дека работи по инструкции на СДСМ и работи површно, без анализа и аналитика, врз основа на паушални претпоставки. Сите изнесени обвинување се неточни и енергично тврдам дека тезите на Фетаи се „рекла-казала“, со кои СЈО сака да стави дамка на моето работење и на Министерството за култура. Целиот проект е воден согласно законите“, рече министерката.

Таа посочува дека договорот со градежната фирма се однесува на градежни и градежно-занаетчиски работи, набавка која не се однесува за изградба на Музејот на ВМРО, туку за партерно уредување околу музејот.

Во случајот Тендери, првоосомничена е раководно лице во Министерството за култура, а други осомничени се тројца членови на тамошната комисија за јавни набавки кои местеле тендери и ја фаворизирале градежната фирма Бетон Штип при извршување работи на Музејот на ВМРО. Тие се сомничат дека и овозможиле на градежната фирма да добие тендер од еден милион евра. Министерката вели дека проектот е чист како солза, запазени се законите, а транспарентноста во целост е испочитувана.