По успехот на младата фудбалска репрезентација, која обезбеди пласман на европското првенство за играчи до 21 година, кое следната година ќе се одржи во Полска, до израз дојде оптимизмот кај сите граѓани во Македонија кои живеат во долготрајна политичка криза и поделби.
Професорот на Филозофскиот факултет Ристо Солунчев, вели дека тешко е да се бара каква било заслуга на државата за победата, туку дека обезбедениот пласман се должи на талентот на тие момчиња што играа на натпреварите. Меѓутоа тој успех, како што нагласува Солунчев, носи надеж особено во фудбалот, оваа генерација за неколку години да влезе и во сениорските првенства. Тој истакнува дека целиот систем на идеали е урнат последните 25 години во сите нивоа на живеење.
„Гледате насекаде е мито, корупција, луѓето гледаат буквално егоистички само за себе и наеднаш кога ќе се случи ваков успех имаме чувство дека сите сме учествувале во него како нација сме придонеле. Но тоа е потполна случајност. Никој со ништо не придонел тие момци да влезат во европското првенство, тоа е заслуга на нивниот индивидуален талент, на тоа се должи. Не е резултат на некаква работа и професионално вложување во спортот не“, вели Солунчев.
Тој забележува дека народот во Македонија ги изгубил етичките идеали, додавајќи дека без професионална етика на сите нивоа во животот нема идеали и оти се случува потполно случаен успех во спортот или успех во културата.
„Кога има на ниво на политички партии и власта урнати етички идеали, вие не оставате простор за оптимизам и кога гледате на највисоко ниво дека нема никаква професионална етика и сите бегаат од државата и кога ќе се случи ваков успех го доживуваат сите со неизмерна радост, зошто сфаќаме дека во вакво време и ваков контекст на срушени етички идеали, наеднаш проблеснува нешто и тоа проблеснува од млади луѓе што значи дека во принцип животот се обновува. Чувствуваш дека животот се обновува и доаѓаат нови генерации кои може да сменат нешто овде“, додава Солунчев.
Тој вели дека за победи во спортот, успеси во културата и литературата кои несомнено придонесуваат да се подигне оптимизмот треба да се вложува и целата заедница да ги подигне етичките идеали во професионалноста и во целиот живот.
„Јас се надевам дека ова ќе биде опомена и државата ќе вложува во спортот и ќе направи оваа генерација до 21 година за 3 -4 години да влезе и на сениорски првенства и таму да ги победува и Франција и Шкотска и сите што ги победи во оваа група. Ова може да биде не само оптимизам на ниво на емоција, туку оптимизам во смисла дека мора да се вложи во спортот, културата и пред се да се подигнат тие етички идеали со што би се менувало многу и во образованието на нашите млади", вели Солунчев.
Во анализата на состојбата на општеството, социолозите често ја истакнуваат како проблем и поделеностa меѓу луѓето која се случува кај нас поради системот на политички партии кои, кога стануваат власт, ја имаат апсолутната моќ. Долго време тие предупредуваат дека поделеноста на општеството веќе добива критични размери, доведувајќи го во прашање натамошниот развој и иднина на државата и нацијата.
Јордан Шишовски од Институтот за општествени и хуманитарни науки, вели дека проблем е што се делиме по кампови и оти долго живееме во таква атмосфера.
„Не сме навикнати очигледно да победуваме, да се наоѓаме во ситуации во кои заедно застануваме зад нешто, научени сме некако да се делиме по кампови, да се обвинуваме, да се боцкаме постојано и вакви моменти на заедништво се многу битни, да отворат малку надеж и малку чист воздух да задишеме, малку нормалност да задишеме, бидејќи предолго живееме во целосна ненормалност и бескрајна криза“, вели Шишовски.