Не знаеме(?) или знаеме(?) што мислат партиите за економските состојби во земјава, ама податоците кои сè повеќе излегуваат на виделина преку некои печатени медиуми се застрашувачки. „Над 300 илјади Македонци живеат со 5 долари на ден“ - ги објавува Утрински најновите податоци на Светска банка и на Евростат за степенот на сиромаштија во Македонија, рангирајќи ја земјава на врвот на скалата на сиромаштија. Весникот објавува и дека според Државниот завод за статистика, сиромаштијата континуирано опаѓала.
Во Утрински читаме и за мислењата на економски експерти кои во настапот на меѓународните финансиски институции препознаваат поостар тон и додаваат дека Владата досега наместо во фискална консолидација, одеше во експанзија, но дека сега тоа мора да престане. Насловот на написот гласи: „Стегањето на буџетот закасни, но мора да почне веднаш“.
Во Утрински исто така има информација за предупредувањата на Светска банка и на ММФ за сè поголемата зависност на Фондот за пензиско осигурување од државниот буџет што ја доведува во прашање неговата одржливост: „Како ќе се санира дупката во пензискиот фонд?“ Утрински потсетува дека Владата деновиве најави ново покачување на пензиите од ноември за 5 отсто.
И во меѓувреме, пак, во Утрински има наслов: „Белата чума галопира забрзано“ - при што дознаваме дека за последниве 10 години бројот на запишаните првачиња во земјава е намален за 45.505 ученици. Само во последната 2015/2016 година бројката на ученици во основните училишта се намалила за 6.173 ученици.
Додека Македонија останува без луѓе и без деца, „Еврокомесарот Хан ќе ги спасува изборите“ - наслови Утрински. Во Брисел потврдиле дека Хан договорил посета на Македонија на 14 овој месец, откако Парламентот треба да се распушти, (ако се распушти), загатнува во заграда весникот. По одлуката на владејачката коалиција да не го поддржи законот за заштитени сведоци и да одбие продолжување на мандатот на СЈО, посетата на еврокомесарот добива дополнителна „пожарникарска“ тежина, пишува Утрински.
Во Вечер нема теми за загрижувачките економски состојби во државава, но информира дека „Пратениците не ги поддржаа законите за СЈО и за заштитени сведоци“, со додавка во друг наслов дека: „Собранието ја потсети Катица до каде ѝ се правата“.
Дневник објавува наслов: „СДСМ одбива да одговори зошто пред една година 18 месеци беа доволно за СЈО, а сега се малку?“
Утрински го цитира Заев на Конгресот на Партијата дека „СДСМ ќе ги обедини центарот и левицата во широк фронт во сојуз со индивидуалци, интелектуалци, со граѓани на Македонија“.
Вечер оди со наслов: „Црвенковски не го спасува Заев, туку ја спасува Партијата од распад“, потсетувајќи дека Заев и преку медиумите јавно побарал помош од Црвенковски.
Инаку вест за насловна на Вечер е изјавата на шефот на руската дипломатија Лавров дека „Шарената револуција во Македонија се управува однадвор“.