Одложено судењето на Богоевски – Бев на протести, но не признавам вина

Судот денеска го одложи судењето против Павле Богоевски од Шарената револуција за 14 ноември поради нецелосно обвинение во кое не е наведена висината на наводно предизвиканата штета. Богоевски се товари за учество во толпа што ќе изврши кривично дело за кое следува парична казна или казна затвор до три години. Обвинението се однесува на фрлањето на балони со боја кон Министерството за култура, објект кој е прогласен за културното наследство. Во меѓувреме, пред Основниот суд Скопје 1 се собраа околу 200 луѓе на протест за поддршка на Богоевски.

„Да, бев дел од групата којашто Зврлевски дрско ја нарекува толпа и не, не признавам вина за моето сторено поведение. По дефиниција, вина е општествен прекор. Не може да ме прекорува општеството чијшто правен систем дозволува здружението на Груевски 10 години да ја силува правдата во оваа држава и да ја киднапира секоја пора во нашето општество. Ќе прифатиме одговорност за своите постапки, но само кога Груевски и другите инкриминирано во објавените разговори ќе прифатат одговорност во судницата до мојата“, рече Богоевски по излегувањето од судницата.

Тој смета дека неговото обвинение е политички прогон.

„Обвинителниот предлог, не само што е обид за политички мотивиран прогон врз луѓе коишто протестираат, туку беше и најблаго кажано катастрофално лошо спремен и правно неиздржан, односно обвинителството се дрзна да покрене постапка без претходно да биде определена штетата, па денеска, на првото рочиште, им текна да предложат како сведок, претставник на Министерството за култура којшто накнадно ќе се произнесе за наводно причинетата штета. Поради тоа се одложи судењето денеска за 14 ноември, што во принцип не претставува никаков проблем, со исклучок на тоа што се одолговлекува и продолжува оваа голгота и малтретирање и едноставно трошење на времето на целата јавност од други многу посуштински прашања со коишто се бориме. Во меѓувреме обвинителството на Зврлевски продолжува да го игнорира вистинскиот криминал во државата, продолжува да постапува исклучиво по налог на својот партискиот шеф, претседателот на партијата, но дојдовме тука за да кажеме дека сè додека нема да има правда, нема да има мир“, изјави Богоевски пред судот.