Намалената куповна моќ ги празни дуќаните во ГТЦ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нискиот стандард ги празни дуќаните во ГТЦ

Дел од сликата во Градскиот Трговски центар во Скопје се испразнети објетки и написи дека дуќанот се издава или се продава. Економистите сметаат дека улога има намалената куповна моќ на граѓаните, но дуќанџиите сметаат дека намалениот промет се должи и на лоши политики.

Дел од дуќанџиите сметаат дека се под притисок на лошите состојби со Градскиот Трговски Центар и оти сè помал број од нив кои работат од утро до вечер успеваат да опстанат. Нивната разочараност од паѓањето на малопродажбата е видлива и за купувачите кои се соочуваат со помал избор на брендирани продавници, а дел од сликата, особено на погорните катови се многу испразнети објекти и написи дека дуќанот се издава и чека нови сопственици. Некогаш елитниот центар денес е тешко привлечен за нови трговци, велат дуќанџиите кои тука егзистираат од самите почетоци.

Ратко Маџовски, сопственик на фризерски салон за мажи, вината за ваквата состојба ја гледа во лошото менаџирање.

„За жал не стопанисуваат сопствениците. Кога ќе го земаат дуќанот газдата не им кажува дека има одржување од четири евра по квадрат. Драстично се намалени и кириите од Нова Година, а драстично се затвораат дуќани. Три месеци доаѓаат како кираџии, неискусни доаѓаат и затоа се затвораат. За жал низ Скопје на секој чекор се отвора по еден нов дуќан. Нашиот капитал на сите сопственици им е паднат, а сега може да се каже 40 отсто не функционира“, вели тој.

Дуќанџиите посочуваат дека еден од главните проблеми е нерешената сопственост и косопственост. Кириите од Нова година се движат од 10 до 12 евра за квадрат, додека порано тие изнесувале од 50 до 100 евра. Сè зависи од локацијата, но на помалку атрактивните катови, дуќани сега се издаваат и за 7 евра за квадрат. Незадоволството од состојбите го споделуваат поголемиот дел од луѓето кои работат во ГТЦ, но не сакаат да зборуваат пред камера, стравувајќи од дополнителни проблеми. Тие што се согласија да говорат анонимно, прстот за лошите состојби го вперија повторно во менаџментот, нагласувајќи дека не се преземаат адекватни мерки за да се зголеми атрактивноста на трговскиот центар во кој наместо ексклузивни производи сè почесто се изложени и такви производи кои може да се сретнат речиси на сите помалку фреквентни локации.

„Не се прави ништо за овој трговски, не се поправа, не се одржува. Втората голема грешка е што овие дуќани на приземје се издаваат по ненормално високи кирии од по 5 илјади или 6 илјади евра. Не се инвестира со намера да пропадне во целост и да го купи еден“, вели еден дуќанџија кој сакаше да остане анонимен.

Економистите сепак сметаат дека суштинска причина за ваквата состојба со ГТЦ е намалената куповна моќ на граѓаните, лошиот стандард, политичката криза која иницира неизвесност и за перспективите на економијата.

Поранешниот министер за финансии Никола Поповски вели дека неколку година има незабележителен економски раст и оти куповната моќ на средната и ниската класа стагнира, а тие се 90 проценти од населението. Дополнителен фактор за слабиот промет, според него, е и отворањето на неколку нови трговски центри во повеќе општини во градот како во Аеродром и во Карпош.

„Но, она што особено мислам дека е фактор е што ГТЦ претставува малку повисока класа на производи и поскапи производи поради неговата централна улога. Токму тие што купуваат такви производи имаат проблем со економската моќ во последните неколку години и тие бегаат кон поевтини производи кои обично се во перифериите, не во строгиот центар на градот. Така што содржателот би била намалената куповна моќ на граѓаните и особено што во услови на ваква состојба во Македонија, тие не гледаат дека состојбата брзо ќе се реши. Па дури и кога имаат потенцијал за потрошувачка, можеби таа малку да се зголеми, граѓаните се претпазливи и повеќе одат кон штедење, да пресретнат проблеми кои би можеле да настанат во иднина и се склони многу умерено или претпазливо да трошат и тоа доведува до намален промет во тие дуќани“, вели Поповски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Човечки обрач околу ГТЦ за „спас од барок“

Инаку, објектот на ГТЦ, кој датира од 73 година според иницијативите од Владата требаше да добие барокна фасада и со тоа да продолжи контроверзниот проект Скопје 2014. Граѓаните не дадоа зелено светло за ова иницијатива, а дел од експертите и натаму сметаат дека е потребно да се инвестира во внатрешната инфраструктура ако за тоа има финансии. Тие се категорични дека барокна фасада е регресен процес и дека е финансиски неисплатлив чекор.