Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска вети проект за изградба на нови 140 државни детски градинки во периодот од 2017 до 2020 година со кои ќе се отворат до 18 илјади места за згрижување деца од претшколска возраст.Вредноста на проектот е 25 милиони евра, а со неговата реализација треба да се реши проблемот со листите на чекање за згрижување на деца во градинки. Приоритет за изградба на нови детски градинки ќе имаат општините кои имаат најголеми потреби, односно најдолги листи на чекање.
Во тој контекст Груевски ги спомена општините Центар, Струмица, Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Битола, Штип, Чаир, Кавадарци, Струга, Прилеп,Делчево, Тетово, Гостивар, Охрид, Велес.
Тој потенцира дека имало децениска запоставеност во изградбата на градинките, како што рече, се до доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт.
“За време на владеењето на СДСМ ниту градинки се изградени, ниту пак е направено проширување на постојните капацитети. Тој застој е видлив и цената ја плаќаат денешните генерации. Безмалку сите градинки до 2006-тата беа изградени во времето на поранешната Југославија, и со ретки исклучоци тука речиси да застана инвестирањето во нови градинки” истакна тој.
Потребите за нови места за згрижување деца во градинки, според него е резултат и на досегашните владини напори за зголемување на вработеноста и на мерките за раст на наталитетот.