Заев го презентира „Планот за Македонија“

Најниската плата е 9.000 денари и уште од првите шест месеци од новата влада ќе ја зголеми на 12.000 денари, а ако мандатот не го заврши со најниска плата од 16.000 денари тогаш не смее повеќе да се јави пред граѓаните, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во обраќањето на 20 конгрес на партијата, кој денеска се одржува во Скопје.

Тој најави помош за сите фирми кои ако работат добро и граѓаните ќе имаат корист, на земјоделците им вети подобри услови, а најави и активни мерки за вработување.

„Македонија на 11 декември ќе го слави животот. Не ни треба победа заради власт и хранење на егото, а на граѓаните уште помалку им се важни партиските победи. Доста беше веќе крпен живот, време е за достоинствен живот”, рече Заев.

Заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, пак, нагласи дека партијата ќе гради општество без поделби по каква било основа, со еднакви права и еднаква примена на законите за сите, ќе инвестира во инфраструктурата, задравството, образованието, младите.

Генералниот секретар на партијата, Оливер Спасовски, напомена дека промените што ги барале граѓаните не можела да ги испорача оваа влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ, која како што рече, е синоним за силеџиство, гушење на демократијата и медиумските слободи, за тефтер судии, послушни и невидливи обвинители, за затворање на критичките новинари, за масовно и нелегално прислушување, монтирани процеси, неправда и грабеж позната како Скопје 2014.

Поранешниот известувач за Македонија, пратеникот во Европскиот парламент, Ричард Ховит кој присуствува на конгресот како претставник на сестринска партија, апелираше до сите партии да се држат до договореното од Пржино за да се истражат индициите за злоупотреби, бидејќи, како што вели, Европа сака да биде партнер на земја која ги споделува заедничките вредности.

На конгресот како странски гости од сестрински партии присуствуваат и пратеникот од Кралството Шведска, Кен Хорстет и заменик генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти, Џакомо Филибек.

За медиуми беше отворен првиот дел од конгресот, а сега почна работниот дел, по кој според најавите повторно ќе има отворен дел на кој ќе се обрати Заев објавувајќи ги заклучоците и одлуките на делегатите.

Мотото на конгресот е „План за Македонија“ а на него од вкупно 728 делегати, присутни се 539 или 74 отсто. На конгресот е присутен и поранешниот претседател на партијата и поранешен шеф на државата Бранко Црвенковски. Тој во салата влезе заедно со актуелниот партиски претседател Заев, а присутните ги поздравија со аплауз.