Судот го одби барањето за притвор за осомничен во Трезор

Основен суд Скопје 1

Мерката притвор за еден осомничен во предметот на Специјалното јавно обвинителство Трезор е одбиена, соопштуваат од Основниот суд Скопје 1. Во нивното кусо соопштение е наведено дека судијата на претходна постапка постапувајќи по барањето на СЈО, го отфрла предлогот како неоснован.

Претходно, Специјалното јавно обвинителство побара изземање на другиот судијата на претходна постапка кој треба да одлучува за мерките на претпазливост во предметот Трезор за тројца осомничени, соопшти Основниот суд Скопје 1. Во него е наведено дека со ова СЈО дополнително влијае на одолговлекување на постапките кои тие самите ги покренуваат до овој суд.

Во меѓувреме на трет судија на претходна постапка му е доделено разгледување на барањето на Специјалното јавно обвинителство за привремена мерка – забрана за користење и за располагање со трансакциската сметка на правнато лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.

За случајот Трезор, СЈО бара од судот да одреди мерка притвор за еден осомничен поради опасност од бегство и постоење на основан страв дека може да влијае врз постапката како и дека може да го повтори делото. Дополнително бара и мерки за претпазливост за тројца осомничени, односно одземање на нивните патни исправи.

Во овој случај се осомничени раководни лица од УБК и едно раководно лице во Министерсвото за внатрешни работи. Станува збор за истрага за економски криминал, односно за наводно испумпани над 800 илјади евра од буџетот во име на набавка на опрема за МВР.