Села - Избори во темница не може да бидат фер и демократски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Села - Избори во темница не можат да бидат фер и демократски

Во декември ќе се гласа во темница, бидејќи од 16 часот се стемнува, а во ваква ситуација, кога поголемиот дел од лидерите на политичките партии и функционерите, се во ризик дека ако ги изгубат изборите ќе завршат во затвор, влегуваат во избори со одбранбен инстинкт, така што тие нема да бидат фер и демократски, вели Зијадин Села од Движењето за реформи - ДПА во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Села, претпоставувам дека следите што се случува на релација Специјално јавно обвинителство – власт. Каков е вашиот однос кон Специјалното јавно обвинителство и она што го работат?

Нашите ставови се јасни уште на почетокот кога избувна оваа политичка криза со прислушувањето. Ние на првото централно собрание на нашата партија како движење за реформи имавме јасен став. Ние повикавме во Македонија да дојде европското судство, од типот на ЕУЛЕКС. Веќе од тогаш ни беше јасно дека само преку едно специјално јавно обвинителство не може да се решава политичката криза имајќи предвид фактот дека судството е комплетно политизирано и корумпирано. Тоа е реалноста во Македонија, од друга страна тоа има придонесено граѓаните да не веруваат во правниот систем. Единствен начин за да се врати довербата во правниот систем, нам ни треба независно судство кое ќе дојде од странските држави. И стоиме уште на тоа дека само на таков начин ќе се врати правдата во државата и дека криминалците ќе завршат во затвор и народот ќе се ослободи.

Како гледате на ставот на владејачката партија дека Специјалното јавно обвинителство работи за опозицијата, дека не работи професионално. Од каде сметате дека потекнува таквиот став?

Власта е заинтересирана, бидејќи тие се главните виновници за ваков правен систем и за ваквото судство. Слушавме и преку прислушуваните телефонски разговори дека тие местеа судии и најодговорно ви тврдам и тоа е реалноста, ние секој ден живееме, не само ние како политичари или јас како градоначалник, туку и сите граѓани. Власта нормално дека ќе се обиде да го брани овој правен систем и ова судство што го имаат изградено за овие десет години. Секој кој ќе се обиде да влезе во нивниот систем за да го врати правото, нормално од нивна страна ќе биде прогласен за неспособен или како некој кој соработува со опозицијата или како нивен непријател.

Не бевте дел од договарањето на „Пржино“, но какви се вашите прогнози? Очекувате ли на 11 декември да има избори во Македонија?

За жал, договорот од Пржино беше една голема игра и театар кој граѓаните на Македонија имаа можност да го следат. Зошто го велам тоа? Па нели се зборуваше за прочистување на листите и се зборуваше дека се 300 илјади фиктивни гласачи и излезе на крајот дека така случајност и само во тие општини и во тие единици, каде што мнозинството се Албанци, избраа некои 39 илјади од кои 90 отсто се Албанци. Јас претпочитам да го кажувам тоа што е право. Господинот Зоран Заев сега има морална обврска да излезе и на граѓаните да им објасни дали лажеше тогаш кога тврдеше дека има на 300 илјади фиктивни гласачи или лаже сега кога тврди дека има само 39 илјади фиктивни гласачи, бидејќи народот има право да го знае тоа, оти нели голем дел од граѓаните го прифатија повикот на СДСМ и излегоа на протести и после најглавниот проблем што беше околу кризата излезе дека не бил некој проблем. Тие 39 илјади не се фиктивни гласачи, туку се граѓани кои живеат во Република Македонија, можеби дел се и надвор, не се мртви, туку живеат и плаќаат даноци на оваа држава и мислам дека одлуката за тие 39 илјади гласачи е погрешна. Значи дали пржинскиот договор е татар, според мене – да, бидејќи ќе одиме на избори по исти правила, кои постоеле пред да има криза и пред да има договор и плус тоа се оди на избори во декември кога од 15-16 часот почнува да се стемнува, до 19 часот, до кога треба да се гласа веќе е темнина. Од 19 па до 21- 22 часот треба да се однесат избирачките кутии во општинските изборни комисии, замислете во ваква ситуацијата кога поголемиот дел од лидерите на политичките партии, функционери имаат ризик дека ако ги изгубат изборите ќе одат во затвор, во ваква ситуација тие влегуваат на изборите со одбрамбен инстинкт и замислете какви избори ќе бидат тие, кога истите луѓе на располагање имаат и полиција и други структури и имаат шест часа темница, значи тие избори, според мене, нема да бидат фер и демократски.

Имате ли контакти со СДСМ за предизборно коалицирање?

Не

Со други албански партии?

Да, со други албански партии да, бидејќи нашите ставови се јасни. Не дека не сакаме да комуницираме , меѓутоа сите знаат дека тие што сакаат со нас да влезат во заеднички предизборни листи мора да прифатат Македонија да биде бинационална. Се додека Македонија не се врати во она нејзиното природно, а приодно на Македонија е да биде бинационална држава меѓу Македонците и Албанците со почитуавње на малцинствата.

Целото интервју со лидерот на Движењето за реформи - ДПА, Зијадин Села, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.