Москва: бојкотот на САД подарок за терористите

Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека одбивањето на САД да соработуваат со Русија во Сирија ќе биде подарок за терористите. „Доколку Вашингтон остане на намерата да ја исклучи Русија од преговорите за решавање на кризата во Сирија, тоа ќе значи дека Белата куќа ги земала под закрила милитантите“, оцени Захарова. До ова доаѓа во момент на влошување на односите меѓу САД и Русија по неуспехот на примирјето во Сирија. Американскиот државен секретар Џон Кери предупреди дека САД се на работ да ги прекинат сите контакти со Русија во врска со Сирија. Кери додаде дека таквите разговори се „ирационални“ во момент кога сириски и руски авиони го бомбардираат Алепо.