Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја напушти денешната седница на Советот на јавни обвинители на која се разгледуваше Извештајот на СЈО, поради, како што рече, личните навреди од членот на Советот, Зоран Сулејманов.
„Личните навреди и вадење прашања од контекст од Извештајот сметам дека нема потреба да ги одговорам и затоа ја напуштив седницата. Но, сметам дека и членови на Советот на јавните обвинители исто така ја напуштија седницата бидејќи не го оправдуваа начинот на кој постапуваше Сулејманов“, рече Јанева.
Специјалната јавна обвинителка изјави дека е задоволна од начинот на кој комуницирала со Советот, но дека е изненадена од нивната заинтересираност за работата на СЈО.
„Се надевам дека ќе ја продлабочиме соработката. Членовите на Советот решија да дојдат да ги проследат просториите на СЈО, каде што согласно нивните овластувања ќе им бидат покажани и самите материјали кои ги имаме“, рече Јанева.
Таа во петокот ја напушти и седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која се разгледува вториот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство.
Согласно Законот за Специјалното јавно обвинителство, Јанева треба да доставува Извештај за својата работа до Советот на обвинители и Собранието на Република Македонија на секои шест месеци.