Сегашниот парламентарен состав води битка за тоа колку пари ќе троши идната влада. Предлог буџетот за 2017 што го претставуваше министерот за финансии Кирил Миноски предвидува поголеми приход, но и расходи. За власта буџетот е развоен, предвидува поголема социјална заштита и намалување на буџетскиот дефицит. Но за опозициските СДСМ и ДПА предлогот е нереален и тие се на став дека ваков буџет нема да поддржат.
„Расправата за буџетот за 2017 започнува во едни специфични политички околности. Поставувањето на економските цели и насоки е потребно за непречено одржување на економската стабилност и покрај политичките случувања во земјата. Буџетот претставува само една од алатките за спроведување на економските политики, сепак клучот за економскиот развој е во развојот на приватниот сектор“, рече министерот Миноски во обраќањето пред пратениците на Комисијата за финансирање и буџет.
Слушајќи го обраќањето на министерот се добива впечаток дека живееме во некоја скандинавска земја, рече Мајранчо Николов од СДСМ, кој е и претседател на Комисијата. Но реалноста е малку поинаква додава тој. Знаете колку е развоен буџетот? - праша Николов и одговори - Колку што има витамини во тегла ајвар.
„Овој буџет е само обичен список на желби, предизборно додворување на гласачите и желба да се потрошат и земат повеќе пари од самите граѓани и од македонската економија. Последиците од неговото трошење ќе бидат, за жал, голема сиромаштија, неликвидност и поголемо иселување од Македонија“, рече Николов.
Тој на почетокот на својот говор запраша и зошто се уште не е објавен во Службен весник ребалансот на буџетот изгласан на 19 септември, со кои пари се предвидува обештетување на поплавените во скопско и тетовско. Николов им забележа и на пратениците од владејачкото мнозинство дека пред неколку денови во истото Собрание бараа транспарентност од специјалната обвинителка Катица Јанева, а сега тоа не го бараат од министерот за финансии.
„Ајде сега колега Крсто Мукоски, Владанка Авировиќ, станете и поддржете ме за транспарентноста на трошењето на јавните пари. Излезете пред министерот и викајте, како што викавте пред Јанева – Каде се парите, каде се парите?“, рече Николов.
Од ДПА забележуваат на, како што велат, дискриминаторскиот однос на предлог буџетот кон граѓаните Албанци.
„Ние го бараме нашиот дел којшто ни припаѓа, а тој е толку колку што сме, колку партиципираме во буџетот, истите да ни се вратат во буџетот“, вели пратеникот Газменд Алиу. Тој посочува неколку примери, според, кои за Албанците не се одвојуваат доволно пари ниту во културата, ниту на универзитетите, ниту во земјоделството и во инфраструктурата. Буџетот навистина е зголемен, но продлабочена е и дискриминацијата, додава Алиу.
Министерот реплицираше дека на буџетот не може да се даде етнички предзнак, бидејќи тој е за сите граѓани.
Пратеничката група на ДУИ до поддржува предлогот на буџетот за следната година, но членовите на Комисијата ја напуштија расправата, оти како што рекоа не им било овозможена да го искажат својот став на седницата. На што реагираа од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека од ДУИ не се спречени, само што расправата се одложи поради реплики.
Буџетот за идната година треба да биде усвоен до 12 октомври до распуштање на Парламентот. Во предлог Буџетот за наредната година се предвидени приходи од 3 милијарди евра, односно зголемување од над 216 милиони евра во однос на 2016 година. Владата очекува и раст на економијата од 3 проценти. Расходите пак се проектирани на 3, 3 милијарди евра што е за околу 174 милиони повеќе од овогодинешниот буџет. Буџетскиот дефицит за 2017 година е проектиран на ниво од 3 отсто од БДП, кој е помал за речиси 42 милиони евра од 2016. За покривањето на дупката во буџетот Владата планира и догодина да издаде еврообврзница.