Во „Трезор“ осомничени три лица од УБК и едно од МВР за проневера на буџетски пари.
„Трезор“ е најновиот предмет на Специјалното јавно обвинителство што го објави денеска, а се однесува на економски криминал кој произлегува од прислушуваните материјали.
Обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференција информира дека овој предмет се однесува на груба злоупотреба на средствата од Буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи. Како што рече таа, тие го оштетиле Буџетот на РМ за 862.042 евра во корист на правното лице Финзи ДООЕЛ Скопје.
Ова е шести предмет на СЈО. Досега отвори пет истражни постапки „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тврдина“ и „Транспортер“, а поднесе и две обвиненија.