Шарената револуција в понеделник на собир за поддршка на СЈО

Шарената револуција повикува в понеделник, во 17 часот пред Собранието на Македонија на јавен собир за поддршка на СЈО. Во соопштението, меѓу другото, се вели дека во изминатиот период медиумите, како што се наведува, „под контрола на обвинетиот Груевски можеме да забележиме вистински линч и пропаганда против Катица Јанева и целото СЈО“. „Истовремено, власта со кој се уште управува обвинетиот Груевски ја користи секоја прилика за да ја блокира работата на оваа институција“, се наведува во соопштението во кое се додава и дека Уставниот суд се уште нема закажано седница на која ќе се разгледува Иницијативата за уставноста на СЈО и оти пратениците од ВМРО ДПМНЕ одбиваат да ги донесат потребните законски измени за заштита на сведоци и свиркачи, како и да го продолжат рокот за работење на СЈО.