Иванов во ОН: Македонија придонесе за безбедноста во Европа

„Горд сум што како Врховен командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија“, рече претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, во својот говор на 71 Генерално собрание на Обединетите нации, говорејќи за мигрантската и бегалска криза. „Досегашниот однос кон мигрантите, оцени претседателот Иванов, во некои европски земји направија гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Ваквиот однос водеше кон изолационизам, отуѓување и плодна почва за радикализам“, насилен екстремизам и тероризам, оцени претседателот Иванов. „На нашиот пат кон меѓународно признавање и интегрирање се соочивме со многу блокади и претрпени штети. Се соочивме со негирање на правото на самоидентификација на македонските граѓани, без кое нема ниту интегритет на човековата личност, ниту човечко достоинство. Поради ова прашање, дури и денес сме блокирани во меѓународни организации, како НАТО и Европската унија. Веќе 5 години Република Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата“, рече претседателот Иванов. Според него,неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија, била една од главните причини за постојаната внатрешнополитичка криза во Македонија што кулминираше оваа година. Решението за разликата околу името, според македонскиот претседател, треба да се бара во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Претседателот Иванов го покани грчкиот премиер Ципрас да ја посети Македонија.