Комисијата на политички систем на Собранието на Македонија денеска ја продолжува седницата на која специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера одговораше на прашања на пратениците во врска со извештајот за работата на Специјалното обвинителство. Таа изјави дека била поведена истражна постапка против повеќе лица. „Врз основа на доказите се доведени во прашање сите изборни циклуси од 2012 до 2014 година“, рече Јанева која побара измена на Законот за Специјалното јавно обвинителство со што би се пролонгирал рокот од 18 месеци, за да може до крај да се истражи кој незаконски прислушувал во државата. Таа исто така повтори дека се потребни измени на Законот за заштита на сведоци, како и имплементација на препораките на Венецијанската комисија.