Иран започна со изградба на нуклеарна централа со помош на Русија, соопштија иранските и руските медиуми. Проектот познат како „Бушер-2“, денеска официјално беше започнат во јужниот град Бушер.
Проектот, кој се очекува да биде завршен за десет години, ќе чини околу десет милијарди долари и ќе произведува 1.057 мегавати електрична енергија.
Ова е прв проект на Иран откако земјата во јули 2015 година го постигна нуклеарниот договор со шесте светски сили. Центалата ќе биде градена од страна на руската државна нуклеарна компанија „Росатом.“
Централата Бушер не се смета за потенцијален ризик, бидејќи Русија го обезбедува горивото за реакторот и го зема потрошеното гориво, кое инаку може да се искористи за правење оружје.
Според нуклеарниот договор од јули минатата година, Иран се согласи да ја запре својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.
Техеран ги отфрла обвинувањата на Западот дека сака да создаде нуклеарно оружје, тврдејќи оти неговата нуклеарна програма е исклучиво наменета за цивилни цели.