Авионот што исчезна вчера попладне се урнал кај велешко Кожле, каде што се најдени остатоци од леталото. Локацијата на уривањето ја потврди Министерството за внатрешни работи. Во несреќата загинале шест патници чиј идентитет не е утврден, но италијанските медиуми објавија дека се работи за четворица Италијанци и за двајца косовски државјани. Авионот бил приватен со германски национални ознаки, од типот „Пајпер Па 34-200 Т Сенека“. Полетал од Тревизо, Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Над Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на аеродромот „Александар Велики“ за дополнување гориво. Исчезнувањето на авионот од радарот вчера во 17.40 часот во МВР го пријавила Контролата на летање на скопскиот аеродром.