Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на прашањето на Радио Слободна Европа дали е уверен оти избори ќе има во декември во Македонија, одговори дека со договорот на политичките партии за нивно спроведување на 11 декември и со стартот на одбројувањето на 100те дена до избори се почитува договорено, како и договорот од јуни/јули минатата година. Тој потенцира и дека со изборите не завршува и реформскиот процес во Македонија.
„Мислам дека сега сфатија оти се наоѓаат на сериозна точка од развојот на земјата. Но, не се работи само за изборите, туку треба да се имплементираат и итните реформски процеси. Изборите се важни бидејќи тие може да бидат завршеток на одредена фаза, но со нив не се става крај на неопходниот реформски процес и тоа е нешто за кое ние треба да ги потсетуваме сите во земјата“, изјави Хан.
Четирите најголеми политички партии во земјава, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА и потписнички на Договорот од Пржино на последната лидерска средба се согласија дека сите услови за спроведување на предвремени парламентарни избори на 11 декември се исполнети.