Србија - списоци со соросови платеници за „шамарање“ неистомисленици

Парите што Соросовата фондација ги одобрува за проекти се легални и транспарентни, а списоците со „платеници“ им служат на властите да се пресметаат со критичката јавност.

Дека таблоидите во Србија го допреа дното, покажува и последниот список, долг дури пет страници, објавен од страна на „Информер“, а потоа го пренесоа многу режимски медиуми. Списокот е насловен „Сорос за хаос во Србија платил 400 милиони динари од 2011“. Многумина на списокот гледаат како на шамар од страна на премиерот Вучиќ до неистомислениците, пишува дописникот на РСЕ од Белград Бранка Тривиќ.

Таблоидот се пофали со ексклузивност на списокот, како што наведуваат, на сите платеници на американскиот тајкун, а на удар се невладини организации, медиуми, здруженија за ЛГБТИ права и за права на малцинства, факултети, судии, обвинители.

Соговорници за РСЕ велат дека сите средства што соросовата фондација ги одобрува за проекти се легални и транспарентни и дека ваквите списоци им служат на властите за да се пресметаат со критичката јавност.

Списокот на соросовите платеници, тврди Информер е откриен после хакерскиот напад со кој се објавени повеќе од 2.500 документи на фондацијата која ја води Џорџ Сорос. Толку хартија потрошена, да се открие - ништо.

Апсолутно е достапна информацијата дека Џорџ Сорос, бизнис магнат со унгарско-еврејско потекло, челник на Фондацијата отворено општество, од седумдесетите години на минатиот век до пред неколку години донирал повеќе од 11 милијарди долари во разни филантропски проекти. Тој одигра значајна улога во транзицијата на источноевропските држави од сталинизам кон демократски општества.

Грантовите од Фондацијата Отворено општество, како всушност и останатите кои пристигнуваат од други американски и европски фондови - како за проекти во невладиниот сектор, така и во владиниот, како во Србија, така и во останатиот дел од светот, се целосно јавни и секој може да ги види, па така овој таблоид не откри баш ништо ексклузивно.

Недопирливите руски грантови

Но, кога веќе зборуваме за видливоста, тоа не може да се рече за парите кои се сливаат во проруските партии, организации и медиуми во Србија, каде апсолутно сè е прикриено со темнина, но овие грантови овој анти-западен таблоид не ги дира.

Во Србија веќе со месеци се развлекуваат вакви и слични „откритија“, и тоа обично во форма на списоци со имиња на оние кои добиваат западни грантови.

Сите податоци за проектите кои ги работи Центарот за регионализација во Нови Сад јавно се прикажани, па затоа немаше што да се открие, изјави за РСЕ Александар Попов, шеф на таа организација, која исто така се најде во списокот на веќе споменатиот таблоид. Тој не е изненаден од ваквата пракса.

„Ова не е ниту прв, ниту последен пат разни медиуми да се обидуваат да ги жигосаат невладините организации како предавници и платеници. Тоа го имавме и во деведесеттите години на минатиот век, па според тоа, ова е стара приказна“, вели Попов.

Александар Попов.

Дека нема никакви заткулиси и скриени работи зад доделувањето на парите, потврдува и Вукашин Обрадовиќ, претседател на независното здружение на новинари во Србија.

„Нема потреба да се зборува дека сите овие вложувања што ги прави Соросовата фондација се потполно легални и потполно видливи, како и тоа дека меѓу корисниците има најразлични организации, од кои некои според критериумите кои ги заговара „Информер“ се многу пожелни“, вели Обрадовиќ.

Паничен страв на владејачката номенклатура

Приказната за некакви соросови платеници не држи вода и тоа ќе го види секој кој ќе ја прочита, вели Александар Попов.

„Кога ќе го погледнете списокот ќе видите организации кои максимално придонеле, барем најголемиот дел од нив, во демократизација на Србија, во подобрувањето на односите со соседите, така што мислам дека тоа е една апсурдна приказна за која не вреди да зборуваме“, вели Попов.

Тоа што со месеци во Србија се објавуваат списоци на таканаречени платеници и предавници, според Вукашин Обрадовиќ има само една цел:

„Целта е да се задуши гласот на јавноста кој е критички расположен кон овој режим. Тука не станува збор за уривање или за дестабилизација на Србија, туку само за зацврстување на позициите на владејачката номенклатура која панично стравува од поразлично мислење и од јавна критика“, вели тој.

Џорџ Сорос да имаше намера да финансира проекти за уривање на власта во Србија, немаше тоа да го прави јавно и транспарентно.

Сите влади на Србија, вклучително и актуелната, од министерства до локални власти, се убедливо најголемите приматели на западни донации. Милијарди евра неповратна помош Србија добива од Европската унија и од членки на Унијата, како и од Соединетите Американски Држави.

Па, како тогаш владата, министерствата и локалните органи не се предавници и западни платеници, а невладините организации се?