Поделени се ставовите на партиите околу можноста да се продолжи рокот на СЈО за завршување на истражните постапки и покренување на обвиненија. Неодманешната изјава на обвинителката Ленче Ристоска во интервју за австриски Курир во која вели дека предвидените 18 месеци за завршување на постапките и покренување обвиненија не се доволни и дека очекува Собранието да го продолжи тој рок, предизвика спротиставени реакции кај власта и опозицијата.
„За“ и „против“ продолжување на рокот на СЈО
Од СДСМ велат дека доколку СЈО утврди дека му недостига време да ја исполни својата законска обврска, потребно е за тоа официјално да го извести Собранието и политичките партии и да почне постапка за измена на Законот за продолжување на рокот за покренување обвинение.
„СДСМ ваква иницијатива би поддржале бидејќи примарната цел во надминување на кризата во Македонија е таа да стане современа европска држава во која владеењето на правото ќе биде неприкосновено, а носителите на државните и политички функции ќе бидат одговорни луѓе кои ќе сносат одговорност за своите дела во политичка и кривично-правна смисла“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Од оваа партија потсетуваат дека СЈО е формирано како резултат на политички договор меѓу главните политички субјекти и истиот има за цел да утврди евентуални сомнежи за кривични активности на највисоките носители на власта, а поврзано со прислушкуваните разговори.
Но, сосема спротивен став за ова прашање има владејачката ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето дали кај оваа партија има расположение за продолжување на рокот на СЈО, во телефонска порака, Иво Котевски ни напиша дека не станува збор за расположение, туку за непостоење на барем една единствена објективна причина за продолжување на мандатот на СЈО.
„СЈО изминатиот период целосно разочара. Единствено што ја одбележа неговата работа и по кое ги знае јавноста беа бројните скандали, непрофесионалноста, необјективноста, тенденциозноста, видливата партиска мотивираност и поврзаност со СДСМ и обидите да се прават политички спектакли“, се вели во пораката.
Опструкции на секој чекор
Во опструкциите што ги прави власта и институциите во однос на која било активност од страна на СЈО, експертите ја гледаат главната причина поради која СЈО не успева да покрене обвинение во предвидениот рок.
„Почнувајќи од институциите кои не им даваа ама баш никакви докази, завршувајќи со несоодветниот однос во однос на третманот на сведоците. Со една реченица сите опструкции што се правеа од државата, во однос на работењето на СЈО. Да не заборавам дека редовното обвинителство кога ги бараа предметите врзани со прислушкуваните разговори, тие не ги даваа. Пролонгираа и бараа рачки да не ги дадат, се со цел времето да поминува“, вели претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска.
Политичкиот аналитичар Арсим Зеколи, пак, вели дека нелогично е да постои СЈО без формирање на специјален суд надвор од правниот систем. Тоа е една од причините поради кои оваа институција нема ефективен резултат, вели Зеколи, истовремено искажувајќи критика кон оваа институција за која вели дека е фокусирана еднострано кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Со сета поддршка која се уште ја имам за СЈО, мислам дека потфрлија на едно прашање. Во недоволно осврнување кон криминалите во албанскиот кампус, кон ДУИ и ДПА, но и со барем протоколарна критика или истрага кон определени ликови од опозицијата кои се уште се активни. Тоа се мали детали кои со текот на времето создаваат простор за дилема и сомнежи, кои се во основа неосновани, но се користат од страна на демагошките медиуми на власта“, вели Зеколи.
Според Законот, изгласан на 15 септември лани, Специјалното јавно обвинителство има мандат од четири години и право на реизбор, но рок од година и половина да поведе обвинение. Тоа значи дека до март идната година обвинителството со кое раководи Катица Јанева треба да покрене обвинение.