Бајден: Визијата на САД е Европа да биде обединета

Американскиот потпретседател Џо Бајден денеска во Приштина ги повика лидерите на Косово да работат на нормализација на односите со Србија. Истиот апел го упати вчера во Белград до српските лидери.

По денешните разговори во Приштина со косовскиот претседател Хашим Тачи и со премиерот Иса Мустафа, Бајден изрази надеж дека во блиска иднина, демократско и мулти-етничко Косово ќе стане дел од Европската Унија.

„Вашиот успех е од огромно значење и интерес за мојата земја. Доколку вие успеете, регионот ќе успее. Нашата визија и визијата на повеќето европски лидери е Европа да биде цела, слободна и обединета“, изјави Бајден.

Тој во Приштина потсети и на неопходноста од справување со корупцијата и организираниот криминал.

„Корупцијата им ги уништува економските ресурси на луѓето и ги уништува бизнисот и инвестициите, ја слабее способноста на нацијата да се брани, со еден збор, ја кочи иднината на Косово. Владеењето на правото треба да важи за сите подеднакво, а судството да биде релевантно и транспарентно“, нагласи Бајден.

Хашим Тачи, пак, истакна дека добро-соседските односи со Србија се стратегиска цел за Косово, кое, како што додаде, не сака да остане заробеник на минатото. Тој се заблагодари за големата подршка што Соединетите Држави му ја даваат на Косво и на регионот.

Бајден и неговата сопруга потоа присуствуваа и на церемонија на именување на улица во Приштина со името на нивниот починат син Бо Бајден.

Вчера Бајден, при посетата на Белград,изјави дека Србија е политички и економски камен-темелник во регионот. Според Бајден, обединет Балкан е многу важен за Европа.

„Суштина за цела Европа е овој цел регион да биде обединет и да биде мирен“, рече Бајден.

Американскиот потпретседател изрази и сочувство до семејствата на жртвите кои загинаа во бомбардирањата на НАТО во Србија во 1999 година.

„Разговаравме за три многу важни теми, билатералните односи САД - Србија, дијалогот Белград - Приштина и можниот напредок во иднина, а третата тема беа регионалните односи и европскиот пат на Србија, рече вчера Вучиќ по средбата со Бајден.

„Многумина во односите меѓу Србите и Албанците направија бројни грешки, страдаа многу Срби и многу Албанци и верувам дека тоа нема да се повтори и верувам дека имаме поинаква иднина пред себе и дека тоа е нешто за кое можеме да се договориме, а не да се гледаме преку нишан“, рече Вучиќ.