Нема начин за мониторинг на интернет порталите

Надлежните треба да го следат и известувањето на интернет порталите во изборниот период, но во Агенцијата за медиуми велат дека нема начин како да се спроведе тоа и оти набљудување на нивната балансираност нема во ниту една земја од ЕУ.

Иако во измените на изборниот законик со кои се формираше ад хок телото за следење на медиумите се предвидува да бидат мониторирани и интернет порталите, тоа најверојатно нема да се случи во пракса. Високи извори од Агенцијата за медиуми велат дека и досега советот на агенцијата во предлозите за начинот на мониторирање на изборите што требаше да се одржат во април и во јули нагласувал дека такво нешто не е возможно, па исти насоки најавуваат и сега. Дополнително, додаваат истите извори, спорно е и што пракса за набљудување на балансираноста на интернет порталите нема во ниту една земја членка на Европската унија, па прашуваат како може да се следи балансираноста на интернет страница, дали би се мерело со линијар колкава е веста или пак на кој клик се наоѓа од почетната страница.

Во однос, пак, на македонските закони, решението во измените на изборниот законик не соодветствува со законите за медиуми и за аудиовизуелни услуги па ако се мониторираат порталите тогаш тие би требало да бидат и внесени и регистрирани како медиуми.

Во суштина, новоформираното ад хок тело, кое има четири члена по предлог на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и кое до 23 месецов треба да го избере петтиот-експерт, најверојатно ќе ги добива истите извештаи кои и досега во агенцијата ги изработуваше стручна служба. Во нив се мониторираше известувањето на телевизиите и на радијата.

Формирањето на привремената комисија е само обид да се поправи партизираноста на агенцијата и не може да донесе суштински промени во известувањето, вели професор Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии.

„Освен тоа составот на ад-хок телото е таков што јас не верувам дека ќе може да се постигне консензус околу мерките, а дури мислам и дека тоа тело може и да го блокира процесот на носење брзи одлуки пред изборите“, вели Трпевска.

Таа нагласува и дека како една од организациите кои го подготвуваа документот наречен итни реформски приоритети препорачале мерките место директорот на агенцијата, како што е сега, да ги изрекува советот на агенцијата. Не треба целата моќ да биде концентрирана во рацете на еден човек, нагласува таа.

„Затоа е направена таа интервенција во измените на изборниот законик, само во однос на периодот сто дена пред избори, односно она на што ќе укаже ад-хок телото, како некое контролно тело, директорот да мора да го примени. Но, јас не сум сигурна како тоа во праксата ќе се случува“, вели Трпевска.

Инаку во измените на изборниот законик се наведува дека „привремената комисија веднаш ги добива извештаите за следење на изборното медиумско претставување и програмскиот сервис на радиодифузерите и електронски медиуми (интернет портали) во Република Македонија од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Потоа, тие за период не покус од седум дена треба да достават оценка за известувањето на радиодифузерите.