Изутринава во периодот од 5 до 9 часот требаше да се изврши вонредна авионска дезинсекција против возрасни форми на комарци на поплавеното подрачје, односно во Бутел, Илинден, Арачиново, Ченто, Стајковци, Страчинци, Црешево, Инџиково, Виниче, Смилковци и другите населени места кои се поплавени, но таа е одложена за утре поради неповолни временски услови, соопшти Град Скопје. Во соопштението се додава дека екипите на Град Скопје и на јавните градски и државни претпријатија, АРМ и голем број волонтери работат на расчистување на сите населени места кои беа погодени од големото невреме во саботата. Како што информира Град Скопје, на терен се работи без застој со сите видови на механизација која во најголем дел е од јавните и државни претпријатија, а голем дел е помош од другите општини во Македонија, земјите од соседството, како и машинерија од домашни компании.
Вчера помош пристигнала и од Народна Република Кина, во вид на поголем број ќебиња и душеци, а пристигнале и екипи и возила за спасување од Истанбул, составени од 32 лица и 11 возила и механизација.