Војската на готовс по тензиите меѓу Украина и Русија

Украинскиот претседател Петро Порошенко на состанок со безбедносните преставници на Украина

Eскалираат тензиите меѓу Украина и Русија, еден ден откако Москва обвини дека Киев пратил саботери да го дестабилизираат Крим.

Украинските власти ја подигнаа безбедноста во близина на анектираниот полуостров, а Русија најави зголемени безбедносни мерки и нови поморски вежби во Црното Море.

По барање на Киев, Советот за безбедност на ОН за подоцна денеска свика состанок зад затворени врати на кој ќе се дискутира за зголемувањето на тензиите во Крим.

Украинскиот претседател Петро Порошенко рече дека сака да зборува директно со рускиот претседател Владимир Путин и со неколку западни лидери, оти има пораст на тензиите меѓу Киев и Москва. Од Канцеларијата на Порошенко денеска соопштија дека тој побарал од Министерството за надворешни работи на земјата да организира телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин, францускиот претседател Франсоа Оланд и со германската канцеларка Ангела Меркел, со потпретседателот на САД Џо Бајден и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

На украинските воени единици кои се во близина на анектираниот Крим и во источниот регион Донбас им е наредено да бидат на највисоко ниво на борбена готовност, соопшти претходно Порошенко. Портпаролот на Генералштабот на Украина, пак, изјави дека од вчера одржуваат воени вежби.

Русија распоредила повеќе војска опремена со модерна опрема на границата меѓу анeктираниот Крим и Украина, соопштија украинските власти. Според граничната служба на Украина, руските сили кои биле распоредени таму од март, сега се заменети со други.

„Новите војници имаат повеќе опрема, која е модерна, а има и воздухопловни единици. Во последните денови видовме и зајакнување на единиците кои се на границата“, вели портпаролот на граничната служба, Олех Слободјан.

Рускиот претседател Владимир Путин свика состанок со Советот за безбедност на кој дискутираат за безбедносните мерки во Крим. Кремљ на својата интернет страница наведе дека разговарале за „дополнителни мерки за безбедноста на граѓаните и виталните инфраструктурни објекти на Крим како превенција од терористички акт на полуостровот.“

Состанок на Советот за безбедност на Русија.

„Путин и високи претставници на безбедносните служби разговараа за безбедносните мерки на копно, море и воздух, против терористи“, наведува Кремљ.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека Црноморската флота, која е сместена во кримското пристаниште Севастопол, ќе спроведе воени вежби почнувајќи од денеска до 13 август.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера обвини дека украинската влада го одбра патот на теророт пред мирот. Руската Федерална служба за безбедност соопшти дека двајца припадници на безбедносните сили беа убиени во одделни инциденти додека се обидувале да спречат украински саботери да влезат во Крим. Путин рече дека акциите на Киев се глупави и криминални, додавајќи дека ова не е поентата на мировниот договор склучен во Минск минатата година меѓу украинските владини сили и прорските бунтовници.

Руската Федерална служба за безбедност вели дека станува збор за „терористички напади“ и додава дека зад тоа стои Службата за разузнавање во Министерството за одбрана на Украина.

Амбасадорот на САД во Украина, Џефри Пјат, денеска изјави дека досега не виделе нешто што укажува дека се точни руските тврдења дека имало упад на украински сили во Крим. Амбасадорот на Твитер напиша дека Русија често лажно ја обвинува Украина за да го одвлече вниманието од своите назаконски активности. Тој рече дека остануваат американските санкции за Русија поради анексијата на полуостровот се додека територијата не се врати кон Украина.