По Португалците, Арапи ќе го спасуваат хотелот Европа во Отешево кој беше оштетен во пожар пред десетина години. Глобал инвестмент фонд е новиот инвеститор од Обединетите Арапски Емирати кој ги купи урнатините што останаа од некогашниот луксузен хотел на брегот на Преспанското Езеро. Инвеститорот веќе го посети местото и оствари средба со локалната самоуправа.
Во изјавите што Општина Ресен ги испрати до медиумите во врска со заедничката средба немаше информација за цената која ја платија Арапите за да станат газди на хотелот. Во нив Абдулбари Салах од „Глобал инвестмент фонд“ изрази задоволство од атрактивната локација и најави дека ќе се привлечат многу туристи.
„Дојдовме во Македонија со намера да инвестираме во повеќе сектори и тоа во делот на енергетиката, гасификацијата и туризмот. Заинтересирани сме да инвестираме во хотелот „Европа“ којшто има големо значење за овој регион и за нас е важно што е лоциран во многу атрактивна област на брегот на Преспанското Езеро. Очекуваме да привлечеме многу туристи во оваа област“, изјави инвеститорот Салах.
Градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски, најави дека Арапите до идното лето ќе го реновираат хотелот.
„Фирмата „Глобал инвестмент фонд“ од Обединетите Арапски Емирати станаа сопственици на некогашниот хотел Европа, кој последните години за жал се наоѓаше во извонредно лоша состојба. Меѓутоа, според она што го имам како информација од инвеститорите, сметам дека се работи за една исклучително сериозна фирма која според она што го планира догодина во ова време ќе треба на местото на стариот хотел да никне еден нов модерен хотел кој ќе ги исполнува сите стандарди на модерниот туризам“, рече Стрезовски.
Хотелот „Европа“ во Отешево беше опожарен во 2005 година. Истата година пред локалните извори државата го продаде на португалската компанија „Аквапура“ која најави дека ќе изгради елитен туристички центар. Тие ветија дека ќе вложат 58 милиони евра и ќе изградат хотел со 70 легла, 50 вили, спа центри, сали за конгреси, скијачки центар и ловен резерват. Но, на терен работите не се помрднаа од мртва точка, а местото остана руинирано.
Во меѓувреме „Аквапура“се жалеше дека Министерството за транспорт и врски со години го одолговлекувало издавањето на дозволата за градба. Министерството, пак, ја имаше тужено „Аквапура“ зашто не започнала со градба. До денес нема официјален податок како завршија судските процесии, а градоначалникот на Ресен, Стрезовски, во една изјава дадена за медиумите, рече дека „од тој имотно правен лавиринт и најкомпетентните институции не можат да излезат“.
Граѓаните се надеваат дека новата инвестиција ќе му го врати сјајот на Отешево и ќе ги залечи раните од „Аквапура“.