Мостот до Крим: За Путин приоритет, за работниците пекол

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мостот кон Крим, работниците како робови

Русија, како топ приоритет, гради мост низ теснецот Керч, кој ќе ги поврзува руското копно и анексираниот полуостров Крим. Работниците, кои се ангажирани на градежните работи, сведочат дека биле третирани како робови.

Во минатиот месец, градежниот работник Вјачеслав Абдулин ја напуштил работата на мостот преку теснецот Керч и си заминал дома, без пари и пеш до своето родно место во реонот на Урал. Откако работел еден месец на проектот, кој за рускиот претседател Владимир Путин е екстремно важен, решил да си даде отказ.

Вјачеслав Абдулин

Абдулин тврди дека работниците на мостот се како робови.

„Не смееш да застанеш, не смееш да седнеш. Дури и ако чекаш на материјали, мора нешо да правиш. Ако не, веднаш добиваш отказ“.

Тој додава дека и кога е премногу жешко, не смеат да ги соблечат маиците, а понекогаш не добиваат вода и по цел ден. Тој не ја добил ни ветената плата од околу 700 долари месечно.

Мостот преку теснецот Керч чини околу 4 ипол милијарди долари, ќе биде долг 19 километри, а преку него ќе сообраќаат и автомобили и возови. Мостот му е потребен на Путин за да ја поврзе Русија со анектираниот Крим и да покаже дека полуостровот е интегрален дел од Русија, а не од Украина. При посетата на градежните работи во март годинава, Путин изјави дека мостот мора да биде завршен до 2018-та година, кога веројатно ќе влезе во трката за четврти претседателски мандат, додавајки дека ќе ги „обеси“ менаџерите доколку не биде испочитуван рокот.

На Вјечеслав Абдулин, очајно му биле потребни пари, бидејќи куќата му изгорела и немал каде да оди со семејството. Ја видел рекламата на телевизија дека компанијата Либерти бара работници за изградба на мостот во Керч. Му била ветена плата од околу 700 долари, работна облека, два оброка дневно, транспорт и сместување. Но, речиси ништо од ветеното не било исполнето. Абдулин сведочи дека многумина веднаш си заминале, но оние што немале пари ни за пат назад, немале избор.

И Алексеј Логинов, има слична приказна.

„Таму не те третираат како човек. Цел ден не смееш да седнеш, ниту цигара да запалиш. Мора да работиш 11 часа без прекин. Ако седнеш, добиваш отказ“, вели Логинов.

И Абдулин и Логинов ја напуштиле работата и не добиле ниту рубља. Бидејќи немале пари, морале да си замниат дома пеш. Абдулин има намера да ја тужи фирмата Либери за да си ги добие парите, додека пак, Логинов само сака да заборави на ова лошо искуство.