Почнаа Олимписките игри во Рио

Грандиозно отворање на Олимпијадата во Рио

Официјално започнаа 31-те Олимписки игри во Рио де Жанеиро со спектакуларна церемонија на стадионот Маракана. Првата Олимпијада во Јужна Америка ќе трае до 21 август, а ќе се натпреваруваат околу 10.500 спортиси од рекордни 206 земји, вклучително и бегалски тим во 28 спортови. За прв пат ќе учествуваат Косово и Јужен Судан.

Сепак настанот е засенет од допинг скандалот во Русија, појавата на вирусот Зика и проблемите со безбедноста и инфраструктурата во градот. Бразил, кој се наоѓа во длабока економска рецесија и политичка криза, ангажираше 85 илјади припадници на безбедносните сили од повеќе земји. Организаторите велат дека повеќе од милион билети остануваат непродадени.

Пред почетокот на церемонијата за отворањето на 5 август, илјадници Бразилци започнаа да протестираат против Олимписките игри. Носејќи транспаренти „не за Олимписките игри“, околу 3.000 луѓе се собраа пред луксузниот хотел „Копакабана палас“, каде се сместени многу спортисти. Тие се незадоволни бидејќи се потрошени повеќе од 10 милијарди долари за инфраструктура и подготовки за настанот во време кога Бразил се соочува со економска криза.

Демонстрантите исто така побараа оставка од привремениот конзервативен претседател, Мишел Темер кој планираше да присуствува на церемонијата во отсуство на суспендираната претседателка Дилма Русеф.

Рускиот тим беше пречекан со аплауз и потсмеви од главно бразилската публика, кога контингентот од 160 спортисти и официјални лица предводени од одбојкарот Сергеј Тетјухин, маршираше на церемонијата.

„Изминатите два месеца сигурно влијаеа на спортистите. Тоа беше тешка ситуација“, рече Тетјухин.

„Бевме подготвени за најлошото, целиот руски тим можеше да биде суспендиран, но има разумни луѓе кои носат вистински одлуки“, рече тој додавајќи оти е јасно дека има проблем со допингот, но дека чистите спортисти не треба да страдаат за тоа.

Откако Меѓународниот олимписки комитетет (МОК) еден ден пред почетокот ослободи 271 Руси да учествуваат и покрај доказите за широко распространетиот допинг, уште осум Руси беа ослобедени по успешните жалби на забраните во Арбитражниот суд за спорт.

Иран исто така беше во центарот на вниманието на првиот ден на игрите, бидејќи за прв пат жена спортистка го носеше знамето на отворањето на церемонијата.

Косово и Јужен Судан за прв пат маршираа на церемонијата на Олимписките игри. Двете земји официјално беа признаени од МОК во 2014 и 2015 година.