Самата уметност е менување на стварноста. Самиот момент на творештво е веќе промена на некаква стварност, вели Доријан Јовановиќ, музичар и еден од стожерните творци на групите СТРИНГ ФОРСИС и ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, во интервјуто за Радио Слободна Европа кое целосно ќе го емитуваме в недела.
Според него, дали можат уметниците да направат промена во општеството сами по себе е сепак пошироко прашање кое бара подолга дискусија. Меѓутоа, тврди дека создавањето на нешто е секако промена на реалноста. Дека реалноста влијае на нас и со тоа ние влијаеме на реалноста. Затоа тој нималку не го претпочита тихувањето.
„Не сум да се отќути она што ни се случува. Кој е начинот на кој тоа јас лично го искажувам или го правам е мој личен однос. Дали е тоа учество на протестите, настапи по медиуми, што и да е, мислам дека на крајот најјакото е она што ќе го искажам во она што ќе го направам. И од друга страна е најтрајно затоа што ќе остане“, вели тој.
Оливера Ќорвезироска, книжевник и литературен критичар, истакнува дека таа лично не верува дека уметноста може да го промени светот со еден замав, зашто таа не е ни сабја, ни гилотина, ни отров, ни куршум, ни црвено копче за притискање. Но, бидејќи музиката може да ја замени тишината, цртежот – глетката, а книжевноста – зборот и јазикот (а и тишината и глетката и зборот и јазикот му припаѓаат на светот), тогаш барем ѝ се чини логична надежта дека уметноста преку „замената“ може да придонесе за „промената“. Ќорвезироска патот на уметноста го гледа како растојание од замена до промена.
„Со оглед на тоа дека книжевната уметност е она со што јас се занимавам, би можела поконкретно и метафорично да кажам дека книгата не може да го промени светот, ама може суштински да ги промени и писателот и читателот и полицата на којашто стои. Писателот, читателот и полицата исто така му припаѓаат на светот, така што еве ја повторно логичната надеж дека и книгата по заобиколен пат (а заобиколниците колку што се бавни, толку се и сигурни!) придонесува во промената на светот“, вели таа.
Сликарката Касиопеја Наумовска, пак, знае да каже дека уметноста не е само позитивното влијание кое се користи за здравје или чувство на среќа, за дејствување на некоја ментална свесност или евентуално подобрување на естетските вредности. Вели дека историјата да би била тоа што е денес - наука, мислејќи притоа на историјата на уметност, тогаш сигурно е дека низ времето големо влијание извршила и уметноста. Дека таа ни дава одговори како било, како е сега, дали била во служба на власта или догмата којашто, за жал, ја доживуваме и во ова наше секојдневие.
„Уметноста треба да замисли со својот став и директност. По правило треба да е малку поголема од животот што нè опкружува. Полна со вистина, со љубов, со слобода и симболична. Без разлика на изразните средства“, вели таа.
Конечно, Јовановиќ и Наумовска, во име на уметноста и менувањето на стварноста, се учесници на актуелниот „Караван на слободата“ на невладината организација „Цивил“.