Најмалку осум луѓе се убиени во пукотници во трговски центар во Минхен, Германија. Властите се сомневаат дека станува збор за терористички напад.
Полицијата трага по тројца осомничени за нападот во трговскиот центар Олимпија, по што полицијата спроведе голема акција и прогласи вонредна состојба. Минхенската полицијата соопшти преку Твитер дека осум луѓе се убиени, а непознат број луѓе се повредени во нападот. Во соопштението, минхенската полиција наведе дека „осомничените се уште се во бегство“ и ги повика луѓето да останат во своите домови или ако се надвор, да побараат засолниште во затворен простор.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Засега нема информации дали меѓу настраданите има македонски државјани. Властите во покраината Баварија и федералните германски власти не даваат информации за идентитетот на загинатите и повредените во нападот во Минхен, но според организациите на Македонците во Германија, како што јави дописникот на МИА од Берлин, засега нема сознанија за македонски граѓани меѓу настраданите во терористичкиот напад.
Новинска агенција ДПА претходно цитираше полициски извори според кои станува збор за „акутна состојба на тероризам“. Според досегашните информации неколку луѓе загинале и десетици се ранети при нападот во трговскиот центар во Минхен кој се случи доцна попладнево. Полицијата започна голема операција откако во трговскиот центар билo пукано со огнено оружје. Затворена е голема област околу трговскиот Олимпија во јужниот дел на градот. Хеликоптери го надлетуваат местото, а на работниците им е забрането да ги напуштат продавниците.
Полицијата во Минхен ги замолува луѓето да не објавуваат слики од местото на пукотниците.
Портпаролот на полицијата во Минхен Томас Бауман за германската новинска агенција ДПА изјави дека нападот започнал во ресторан за брза храна во трговскиот центар нешто пред 18 часот по локално време. Полицијата во Минхен е во потрага по тројца осомничени со
долги пушки, вели портпаролот.
Весникот Билд објави дека вооружен напаѓач трчал низ трговскиот центар и пукал кон луѓето пред да избега во насока на една метро станица.
Властите велат дека е запрен транспортот на неколку линии во градот по налог на полицијата. Главната железничка станица во Минхен е евакуирана по престрелката, соопшти портпаролот на националната железница.
Телевизиските снимки прикажуваат десетици возила за итна помош пред трговскиот центар.
Американскиот претседател Барак Обама вети поддршка за Германија по нападот во Минхен. Тој вели дека е запознаен со драмата која се одвива таму. „Нашите срца се со оние кои можеби се повредени таму. Германија е еден од нашите најблиски сојузници, ние ќе се обидеме да и ја понудиме сета потребна поддршка за справување со оваа ситуација“, рече Обама. Портпаролката на Стејт департментот, Елизабет Трудо изјави дека американските власти проверуваат дали во инцидентот е повреден некој американски државјанин.