До фер избори преку итни реформи

Граѓанскиот сектор предлага итни реформи за системски промени кои ќе доведат до создавање на неопходни услови за слободни, фер и кредибилни услови за избори. Невладините организации бараат приоритет да им се даде на реформите, наместо на датумот за одржување на избори.

Како до фер избори преку реформи, е прашањето кое граѓанскиот сектор се обиде да го одговори со предлог за итни демократски реформи за системски решенија во 12 области. Тие бараат граѓанските предлог реформи да бидат вградени во политичкиот процес и нив да ги спроведе експертска влада. Во однос на изборниот процес за кој досега постојат сомневања за нерегуларности, Дарко Алесков од граѓанската асоцијација „Мост“ вели дека проблемот лежи во системот, а бројките кои излегоа како спорни од избирачкиот список се само последицата.

„Треба да имаме на ум дека догодина ќе имаме и локални избори. Проблемите со руинираниот систем на ажурирање на избирачкиот список, проблемите со неунифицираност на водење на податоците во различните институции и бази на податоци и неможноста да комуницираат на ист јазик меѓу себе, неунифицираноста на номенклатурата на улиците во Република Македонија и останатите системски пропусти кои се адресирани во овој документ ќе нè вратат повторно назад во мај догодина, каде што повторно ќе ги третираме последиците“, вели Алексов.

Државата изборна комисија е дополнителен проблем, вели тој.

„Членовите на ДИК го третираат избирачкиот список, па тие не се експерти за статистика, демографија и математика, како може како правници да ги знаат сите овие изборни процеси, не може. Затоа концептот е предвиден да имаме ДИК којашто ќе има секретаријат и еден од предлозите е генералниот секретар е да се бира во собрание со двотретинско мнозинство со цел да обезбедиме подвоеност меѓу спроведувањето и одлучувањето во процесот“, објаснува Алексов.

Нема датум за избори додека не се направат реформи во медиумската сфера, е став на дел од медиумските организации. Ослободување на приватните медиуми од клиентелистичкиот однос меѓу власта и медиумските сопственици со забрана за јавни кампањи и укинување на политичко рекламирање, нов модел на финансиски стабилен јавен сервис во кој граѓаните ќе партиципираат и во надзорот и во програмите, забрана за ширење на говор на омраза преку медиумите и ослободување на регулаторното тело од партиското влијание на кое е подложно преку измени во структурата на одлучување во Советот на агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се дел од предлог мерките.

Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии вели дека досегашните политички предлози кои се дел од преговорите се целосно спротивни на она што е неоходно да се направи.

„Формирање на предлог ад хок тело, кое би ги набљудувало медиумите 100 дена пред изборите, за кое јас веднаш тврдам дека ќе се претвори во фарса. Јас не можам да разберам кое би било тоа супер тело, со какви ресурси би работело, и на основа на што би следело па би изрекувало мерки и би ги пренесувало па би дало налог на постојаната агенција за аудио и аудио-визуелни услуги која со закон е задолжена да го прави тоа, да таа изрекува мерки. За мене ова е заобиколување на проблемот“, вели Трпевска.

Додека невладините дебатираат за реформи, власта во Собранието на маса го стави озаконување на механизмот за купување на медиумите преку владините реклами, вели Трпевска.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека јавните финансии се запоставени во преговарачкиот процес.

„Ако го отворите буџетот на пример, има една ставка што се вика разни договорни услуги и таа ставка во буџетот за 2016 година изнесува 500 милиони евра. Од таа ставка се извршуваат најголем дел од оние анекси на договори за Скопје 2014-та. Кога ќе видите вие буџет којшто има ставка 500 милиони евра, а внатре нема ништо конкретно на што се однесуваат тие 500 милиони евра, вие практично не знаете на што се трошат јавните пари“, посочува Јовановиќ.

Тој додава дека клучните проблеми во јавните финансии се нетранспарентноста и недисциплината во менаџирањето на буџетот.

Во однос на контролата врз полицијата, Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование вели дека е голем проблем а доказ за тоа се и минатогодишните опозициски бомби со прислушувани разговори.

„Очигледно е дека некој ја злоупотребувал полицијата за лични или партиски цели, потребно е да зборуваме за поголема контрола која собранието ќе може да ја врши врз полицијата и за одговорност на полицијата и полициските службеници и функционерите ако не функционираат тие контролни средби во собранието или јавни расправи во собранието, каде комисиите треба да ја вршат таа контрола и да се обезбеди учество на граѓанскиот сектор во тие комитети“, додава Стојковски.

Борбата против корупцијата, судството, јавната администрација, собранието, контролата врз полицијата и агенциите за безбедност и контраразузнавање се дел од областите за кои невладиниот сектор предлага мерки со кои треба да се одвои партијата од државата. Документот го создадоа неколку невладини организации и група граѓани.