Најголем интерес за неуспешниот воен удар во Турција

Бројни реакции од нашите читатели на неуспешниот воен удар во Турција. Коментарите се движат од одобрување до осуда, преку споредување на состојбите со актуелната власт, па до претпоставки дека ударот бил испланиран од Владата на Ердоган.

Да, точно е она што го констатираа медиумите во земјава, дека неуспешниот воен удар во Турција предизвика големо внимание во Македонија. Реакциите и на нашите фанови на Фејсбук се многубројни и различни. Од одобрување, преку споредување на состојбите со актуелната власт, па до осуди и претпоставки дека ударот бил испланиран од Владата на Ердоган за да ги испоапси своите неистомисленици и противници.

Михо Трајко и Сузана Геговска имаат заедничко мислење дека „аман од таа демократија што се сервира од Запад, видовме до каде се стигна во Украина и во арапските земји“ и дека е лошо кога во една држава се меша друга, иако имало логика ударот да е и од домашни предавници.

Геговска дури им препорачува на лидерите да ја намалат употребата на компјутерите на еднаш неделно и да се исчистат од „вирусите што совладуваат преку компјутерите“.

Интересен е постот на Кирк Теодор кој напишал: „Ми стои дека Грујо учи од Ердоган, пазете да не нè снајде вакво нешто!“ На прашањето зошто обидот за воен удар беше краткотраен и неуспешен, Рубин Ристески смета дека „тиранинот Ердоган ги уништи темелите на Ататурк и ја врати земјата во тиранија, спровел самиот пуч за да направи исламска држава која ќе го помага тероризмот“. Е, по овој пост се „истуриле“ коментари на приврзаници на Ердоган, со пцовки и вулгарности, како на пример оној на Нагип Даути кој го прашува каде гледал тиранија во Ердоганова Турција, „гледајте го вашето диктаторче овде“, вели.

И Христо Глигоров им дава поддршка на бунтовниците и на Ататурк, нарекувајќи го Ердоган „гробар на Турција, ист како Милошевиќ. Грујо е ист како Ердоган. Јас сакам и Турците и ние да живееме во нормални држави, а не со екстремисти, фашисти и диктатори кои само манипулираат проста маса“.

Во постовите се мешаат религијата, нацијата, џихадизмот... Се чини на Доне Симјановски му здодеало од недоличниот јазик на пишувачите на коментарите, па потсетува дека „загинаа невини луѓе, имајте барем малку почит, без разлика во кој Бог верувате, СРАМОТА!“