Дека бизнис заедницата не е имуна на корупција, која се јавува низ најразлични форми и нивоа, потврдува и домашниот стопанственик Венко Глигоров, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Но, она што според него загрижува е тоа што во земјава е присутен најопасниот вид корупција, односно организираниот грабеж на општествениот имот на највисоко ниво.
„Во нашиот случај најопасна е корупцијата или организираниот грабеж кога се осмислуваат проекти, не за да се направи нешто, туку тие проекти се осмислуваат со однапред познати фирми и распределени пари само колку да се одлеат пари од државната каса и да одат во приватни џебови. Таа е најлошиот вид корупција, бидејќи се работи за огромни износи на испумпување од економијата, што е штетно за сите нас“, вели Глигоров.
Она што, според него, е поалармантно е појавата на таканаречени имагинарни бизнисмени.
„Има сомневања дека истите тие политичари отвараат сметки во странство и потоа сами со себе си се договараат. Така што, тие што се реални бизниси воопшто не ни стигнуваат до можноста за корупција. Затоа е добро да има смена на власта, зашто кога една власт премногу долго владее, таа се етаблира, се канализираат парите и сето тоа оди по партиска директива без можности за средства за подобрување на услугите кон граѓаните“, вели Глигоров.
Дека корупцијата во бизнисот се јавува најчесто преку злоупотреба на државните пари, потврдува и поранешниот антикорупционер Ариф Муса. Тој посочува дека врската меѓу бизнисот и високата политика е многу тенка и токму таа поврзаност раѓа корупција од најтежок облик.
„Бизнис заедницата со политичарите, министрите, пратениците и слично се линкот преку кој се перат парите од државниот буџет за наводно извршени работи. Значи тоа е изворот на сите криминални дејства“, вели Муса.
Според него, постојат механизми со кои може да се спречи или контролира оваа форма на корупција. Државните органи имаат начини да ги следат сомнителните приходи кај одредена категорија граѓани и притоа да реагираат навремено и според законските прописи, кои според Муса се одлични, но само доколку се применуваат.
„И Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија преку своите извештаи или Обвинителството и Финансиска полиција итн. Значи имаме институции кои во раце го имаат законот за спречување на такви криминални дејства. Само треба да имаат волја и да сакаат да стават крај на тоа“, вели Муса.
Тој заклучува дека премиерот и неговите најблиски соработници во Владата треба да бидат добар пример за тоа како се трошат државните пари, а институциите да ги спроведуваат законите и соодветно да ги казнат оние кои биле вклучени во организиран криминал.