Институциите глуви за говорот на омраза

Повици на насилство, омраза, палење на амбасади, списоци на наводни предавници од луѓе блиски на власта. Ако надлежните не реагираат на говорот на омраза, тој може да поттикне насилство.

Злосторство од омраза и насилство се последиците од неказнувањето на говорот на омраза и повиците на насилство кои се честа опасна појава во медиумите и социјалните мрежи. Говорот на омраза во македонското законодавство веќе две години е запишан како кривично дело, но институциите го игнорираат овој факт и честопати се прогласуваат себеси за ненадлежни, велат упатените.

Според законот, покрај обвинителството и правосудните органи, по службена должност говор на омраза треба да утврдуваат и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги и Комисијата за заштита од дискриминација која дава препораки и има ингеренции да покренува постапки пред надлежен орган.

Кривичните пријави кои Хелсиншкиот комитет ги доставува до обвинителството за говор на омраза, по две до три години остануваат без одговор, а само еднаш досега Вишото јавно обвинителство му наложило на основното да отпочне постапка против водителот Миленко Неделковски, што влева надеж дека во догледно време можеби ќе има и правен епилог, вели Неда Чаловска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет.

„Очигледно институциите не сакаат да ја разберат тежината на говорот на омраза, особено затоа што говорот на омраза најчесто се случува од јавни личности кои се блиски до владата, така што верувам дека тоа е една од причините поради која немаме соодветна реакција од институциите“, вели Чаловска.

Се наметнува и прашањето каква порака добива еден обвинител, а воедно и јавноста, кога најмоќниот човек во државата, поранешниот премиер Никола Груевски, гостува во емисиите на дел од луѓето кои на социјалните мрежи и во своите емисии шират говор на омраза и повикуваат на линч на политички неистомисленици и странски дипломати.

Во дел од прислушуваните разговори кои минатата година ги објави опозицијата можеше да се слушне какво влијание имаат моќниците во земјава кои си нарачуваат пресуди во своја корист.

За незаинтересираноста за делување на Комисијата за заштита од дискриминација говори и фактот дека дел од нејзините членови во јавноста беа познати по своите колумни во кои изразуваа етничка нетрпеливост и говор на омраза кон политички неистомисленици.

Во Советот за етика во медиумите за повеќе од една година одлучувала за 34 жалби за говор на омраза. Извршната директорка Марина Тунева вели дека политичката припадност и сексуалната ориентација се најчести основи за претставки поврзани со говор на омраза.

„Не прекинува тој тренд доставување жалби по основа за говор на омраза, се обидуваме да преземеме дополнителни мерки, во смисла да реагираме како совет за етика и во случаите кога не сме добиле претставки од преставници на јавноста, сè со цел да ги разобличиме овие појави“, вели Тунева.

Таа додава дека надлежните не се одѕиваат на нивните апели и затоа работат на нова иницијатива за формирање на тело кое што точно ќе го адресира проблемот со говор на омраза. Според Европската конвенција за човекови права, слободата на изразување треба да биде ограничена само во делот кога ги допира туѓите права, што значи дека говор на омраза не може да претставува слобода на говор.