Во пресрет на утрешната посета на специјалниот пратеник Јоханес Хајндл, опозицискиот СДСМ очекува зголемување на притисокот врз ВМРО-ДПМНЕ за решавање на политичката криза. Од оваа партија се надеваат дека притисокот врз Никола Груевски ќе расте, имајќи ги предвид изјавите на Европската комисија и на меѓународната заедница, кои, како што велат, ја посочиле Владата како директен виновник за политичката криза.
И од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат посетата на странските дипломати да придонесе за надминување на политичката криза. Од оваа криза во која нè втурна Зоран Заев, последиците ги чувствуваат сите граѓани, соопштуваат од владејачката партија.
Во меѓувреме, партиските преговори се прекинати, а дали и кога ќе продолжат најверојатно ќе се знае по посетата на Хајндл.
Инаку, по Хајндл, земјава ќе ја посети и американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски работи Викторија Нуланд. Присуството на меѓународните претставници во толку краток период ги подгреваат надежите за поконкретна дипломатска офанзива за разрешница на политичката криза. Политичкиот аналитичар Џељал Незири очекува зголемена активност на странците, па дури и промена на нивната политика кон политичкото лидерство.
„Овој пат и Европјаните и Американците ќе го користат стапот како дипломатска алатка во надминување на кризата, што би значело дека рестрикциите, изолацијата на земјата или прекинување на финансиската помош за земјата ќе бидат главна алатка во притисокот на владата да се придржува кон Пржинскиот договор. Јас очекувам да се прошири и црната листа со корумпирани политичари од Македонија“, изјави Незири.
Експертите велат дека од лидерите се очекува акција, а не само празни ветувања и оти притисокот од Хајндл и Нуланд би можел да се претвори во конкретен ултиматум.
„Оваа Влада или ќе прифати да го почитува договореното од Пржино или, пак, земјава ќе влезе во некоја подлабока политичка и финансиска, економска криза. Ова е почеток на крајот на кризата. Според мене ова е една нова во дипломатската активност на САД и ЕУ во однос на решавање на кризата во Македонија“, изјави Незири.
Се очекува Хајндл да оствари средби со политичките лидери, потписници на договорот во Пржино, како и со претставниците на државниот врв. При последната негова посета во земјава, тој порача дека Германија со голема загриженост ги следи случувањата во земјава и дека одолговлекувањето на кризата ја парализира земјата. Меѓу другото истакна дека излез од кризата има, а тоа е Пржинскиот договор и неговите принципи и правила.
На итно спроведување на овој договор неодамна повикаа и амбасадорите на земјите на ЕУ во земјава.
Нуланд, пак, последен пат ја посети земјава во истиот период лани.