Мирен протест во знак на револт поради смртта на Алмир

Протестот во знак на револт поради смртта на четиригодишниот Алмир Алиу мина мирно. Упатени се апели да не се политизира случајот и сторителот да одговара.

Денеска во Куманово под мотото „За правда“ е одржан протестен марш во чест на четиригодишниот Алмир Алиу, кој почина откако пред неколку дена беше прегазен со автомобил. Протестот во организација на невладината организација „Зени“, започна во 15 часот и се маршираше по улиците кои водат до судовите, општината и полициската станица. Организаторите бараат целосно расветлување на случајот со малиот Алмир и случајот да не се политизира.

„Овој протест се одржува со намера да се крене гласот против сите оние кои се обидуваат да ја убијат нашата иднина, нешто што никогаш нема да го дозволиме. Секој кој извршил такво дело треба да бидат казнет со максимална казна“, се вели во повикот за протестот.

Инаку, роднините на малиот Алмир бараа да не се политизира овој случај. Тие не поддржуваат протест, кој според нив, би можел да поттикне натамошни инциденти или меѓуетничка омраза. И од семејството на човекот кој со автомобил удри во семејството Алиу изразија жалење и побараа надлежните институции да го решат случајот.

Инцидентот во кој Алмир се здоби со повреди започнал со кратка расправија во амбулантата во Куманово. Кумановец со возило Мерцедес намерно удрил во детето и неговите родители, кои беа повредени.

Таткото С.А.(1980) бил пренесен во кумановскиот Медицински центар, а неговата сопруга М.К.(1980) и детето како итен случај со возило на Брза помош беа пренесени на Детска хирургија - Државна болница Скопје.

Кумановецот кој ги прегази доби 30-дневен притвор и ќе одговара за убиство во обид. Од Јавното обвинителство претходно информираа дека семејството кое чекало ред пред амбуланта, одлучило да пушти друг човек пред нив, поради тоа што процениле дека станува збор за поитен случај. Таквата одлука предизвикала револт кај мажот кој чекал во редот, по што започнала расправија. Тој ги чекал да излезат од болницата и потоа тенденциозно ги удрил со возилото.

Веднаш по инцидентот заседаваше Локалниот совет за превенција во Куманово. На состанокот, на кој присуствуваа градоначалникот, претставници од сите политички партии во советот на општина Куманово, МВР и невладини организации, беше осуден настанот и побарано виновникот да се казни, а на инцидентот да не му се дава етничка димензија.