СЕММ реагираше на објавеното видео за момчето од Куманово

Илустрација.

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагира на објавувањето видео-снимка од неодамнешниот инцидент во Куманово, кога лице со автомобил прегази цело семејство, меѓу кои и малолетно лице кое им подлегна на повредите.

Како што се наведува во соопштението на СЕММ, објавувањето на видео-снимката е и во спротивност со член 8 од Кодексот на новинарите, според кој „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“.

СЕММ, исто така, укажува на медиумите дека преземањето и објавувањето на таквата содржина внесува дополнителна вознемиреност и гнев кај јавноста околу инцидентот и последиците од него, а на уредниците им укажува дека сензационалистичкото известување во јавноста нема предност над професионалното и етичкото известување во кое е потребно да се води сметка и за последиците од трагедијата за семејството.

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против пет лица во врска со случајот. Првопријавениот во случајот е во притовор. И МВР апелира ваквите немили настани да не се користат за предизвикување на меѓуетнички тензии. И семјството на починатото четиригодишно дете апелираше да не се користи нивната трагедија и да не се партизира случајот. Тие не поддржуваат протест, но тој сепак се одржа. Неколку стoтини граѓани протестираа денеска во Куманово и повикаа политичарите да не ја злоупотребуваат несреќата на семејството Алиу за политички цели.