Пивоманија или Бизнисманија 2016

Организаторите се должни пред јавноста да го објават конечниот економски бенефит за Прилеп и прилепчани, за што ќе бидат инвестирани средствата и да се истакне цената на хонорарот за пејачите, пишува Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Оваа колумна ќе ја посветам на фестивалот „Пиво фест 2016“ кој ќе се одржи кон средината на месец јули во центарот на Прилеп.

Пред 14 години фестивалот на пивото во Прилеп беше организиран како манифестација од страна на неколку лица љубители на пивото, кои со напорна работа и посветеност донесоа меѓународни и регионални пивари, а чаша ладно пиво чинеше од 20-30 денари, со добра прилепска скара и добро избрани музички имиња.

Денес, оваа манифестација стана интересна и атрактивна како за учесниците така и за посетителите од Македонија и регионот, но и економски профит на општината. Во текот на овие години покрај ЕЛС како ко-организатор се јавува и граѓанската организација Центар за граѓански иницијативи (ЦГИ) која е членка на Економскиот совет и Советот за превенција при локалната самоуправа. На сметката на ко-организаторот ЦГИ се слеваат средства по два основа, и тоа по основ на донации и спонзорства и по основ на закуп на штандови. Дискутабилни се средствата кои ова здружение ги остварува по основ на закуп на штандови од причини што за јавните површини во централното градско подрачје каде се одржува Пиво-фестот одговорна е ЕЛС Општина Прилеп, поточно ЈП за ПУП, кое доправа ќе треба да објасни по која цена Општината му ја дава јавната површина на ко-организаторот ЦГИ за одржување на овој настан и зошто Општината не е таа која директно ги издава штандовите на заинтересираните учесници на фестивалот, ами тоа го прави индиректно преку издавање под закуп на целата јавна површина на организаторот, кој пак потоа истата ја издава во под-закуп на избраните учесници.

Располагам со неофицијален податок дека секоја година за одржување на оваа манифестација само по овие два основи на сметката на организаторот ЦГИ се слеваат средства во висина од 7.000.000,00 до 10.000.000,00 денари, не вклучувајќи ги средствата кои локалната самоуправа ги дава како главен покровител на манифестацијата и без провизиите кои се земаат од учесниците за да го пронајдат своето место на посакуваната локација за реализација на четиридневниот бизнис.

Во последните неколку години на фестивалот на пивото, скарата и мајтапот, продефилираа разни музички имиња како што е Северина, Цеца, Здравко Чолиќ, Харис Џиновиќ, Брена, Халид Бешлиќ и ред други познати имиња за кои нивни ангажман организаторот исплатил повеќе од 30 илјади евра, додека македонските изведувачи околу 5-6 илјади евра. Економските показатели покажуваат дека Општина Прилеп во 2010 година остварила профит од 3 милиони евра, а српската пејачка Цеца за својот настап од градот Прилеп и спонзорите добила хонорар од 60 илјади евра, а во 2011 година од пиво фест општината остварила профит од 1,5 милиони евра, но според податоците за исплатени хонорари на српските пејачи во 2012 година тие се движеле, Брена дома си заминала со 35 илјади евра, Јоксимовиќ со 25 илјади евра, Петар Грашо со 9 илјади евра, додека Влатко Стефаноски со 5 илјади евра, а Општина Прилеп таа година заработи 6 милиони евра. Во 2013 година општина Прилеп инкасирала 4 милиони евра, што значи 2 милиони евра помалку во споредба со 2012 година, од кои 200 илјади евра или една третина од буџетот на општината биле потрошени за организација на пиво фест 2013.

Додека, за 2014 и 2015 година нема официјални финансиски податоци од страна на организаторите за тоа колку средства се инкасирале на сметка на општината, колкав хонорар зеле естрадните уметници и за која цел се наменети доколку се искористени.

Како, граѓански активист очекувам дека и оваа година од овој фестивал приходот кој ќе го инкасира општината ќе биде приближно околу 4-5 милиони евра, средства кои треба да бидат вложени за општо добро на граѓаните, а приоритетно би било да бидат вложени во ЈУ градска болница „Борка Талески“ – Прилеп за помош и поддршка на родилките од општината и регионот.

Воедно, Клубот на лекувани алкохоличари „Здрав живот“ од Прилеп во последните години како и оваа година нема дадено официјална јавна реакција по однос на одржувањето на фестивалот и неконтролираното точење на алкохол на младата популација. Самата манифестација е поттик за младата популација да консумира неконтролирано алкохол до утринските часови, што може да се предизвикаат несакани проблеми.

Исто така, организаторите на овогодинешниот фестивал на пивото да посветат големо внимание околу обезбедувањето на јавниот ред и мир, безбедноста на посетителите, непречено одвивање на сообраќајот во градот за време на четирите фестивалски денови како и околу квалитетот на храната и пијалоците, одржување на чистотата на градот, снабдување на просторот со потребните инсталации и вода и присуство на екипи од ТППЕ и ИМП на просторот.

Едно мало внимание, а со големо значење. На крајот од фестивалот од страна на организаторите се должни пред јавноста да го изјаснат конечниот економски бенефит кој ќе го добие Прилеп и прилепчани, за што ќе бидат инвестирани средствата и за која намена и да се истакне цената на чинење (хонорар) на кој ќе им припадне на сметките на естрадните уметници од нашата земја и Балканот.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.