Смртноста на новороденчиња - жешка тема

Бројките за смртност на новороденчиња на Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во Скопје изнесени во јавноста се вадат од контекст, рекоа на денешната прес-конференција лекари од Клиниката. Тие коментираа податоци од новинарски текст објавен вчера.

Доктор Драган Тантуровски рече дека Клиниката и тој ништо не кријат од јавноста и оти не знае врз која основа е правена статистиката изнесена во текстот, додавајќи дека не би можел да коментира за вистинитоста на медицинските документи наведени во текстот, но најави правна разрешница поради изнесување на медицинска документација од болницата. Од болницата велат дека кај нив доаѓаат најтешките случаи од оваа област во државата.

Неделникот Фокус во последниот број објави дека повеќе од 80 новороденчиња починале на скопската Клиника за гинекологија за шест месеци, а само последните две недели починале околу 20 бебиња

Денеска на оваа тема прес конференција одржа и СДСМ. Од таму велат дека бројките на починати новороденчиња говорат дека здравствениот систем е катастрофален. Тие бараат ресорниот министер да излезе пред граѓаните со официјалната бројка на смртни случаи и истата да ја достави и до СЗО.