Македонските пратеници без став за иницијативата на Думата

Русија бара дијалог со балканските земји за опасноста од ракетниот штит на САД во Европа. Македонските политички партии не изградиле став за ова прашање.

Додека повеќето парламентарци во Собранието не слушнале за барањето на Русија за отворање дијалог за ракетниот штит на САД во Европа и ни рекоа дека партиите треба да изградат став, поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин е дециден дека Македонија треба да ја отфрли руската иницијатива. Според него, разбирливо е државата да постапи така, со оглед дека е аспирант за членство во НАТО и веќе е купен билет во тој правец.

„Руската Дума ја актуелизира оваа проблематика и тоа на неколку недели пред почетокот на Самитот на НАТО во Варшава. И руската дипломатија практично сака да ги тестира неколкуте дипломати на Балканот, како тие размислуваат. Знаеме дека Србија се изјасни за еден вид неутрална позиција, Македонија е аспирант за НАТО“, вели Ружин.

Од парламентарците, први со став засега излегоа пратениците од ДУИ, кои недвосмислено укажуваат дека Собранието на Македонија треба да ја отфрли иницијативата на Руската Дума. Според Рафис Алити, со овој став ќе се отфрли сомнежот дека земјава се движи во погрешна насока и ќе им го заврти грбот на шпекулациите за про-руско влијание во земјава и регионот.

„Стратешки интерес на Македонија е да бидеме дел од НАТО. Со оваа резолуција, ова е направено свесно руското влијание да се врати во земјите на Балканот“, вели тој.

Меѓутоа, Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност, мисли дека дијалозите за поставување на анти-ракетен американски штит во источна и југоисточна Европа ќе донесат по промисленото решение во корист на безбедноста на регионот.

„Натрупувањето на оружје на кој било дел од територијата на земјата не носи ништо позитивно и од тој аспект делумно може да биде загрижувачко по безбедноста на секоја од земјите од регионот, вклучително и за Македонија и сметам дека без оглед на целите на НАТО со кои овојпат го распоредува оружјето во близина на границите со Руската Федерација може да има сериозни импликации по натамошниот развој на безбедноста и во регионот, а посебно во делот каде ова оружје се распоредува“, вели тој.

Проблемот со анти-ракетниот штит е еден од најголемите прашања на расчекор меѓу Русија и НАТО, односно САД. Ружин очекува Македонија да ја потврди нејзината про-НАТО ориентација и покрај сомнежот дека некој политички елити колебливо се однесуваат и на суптилен начин се вртат кон Русија.

„Разбирливо дека Македонија би го отфрлила ова барање на Руската Дума и би се приклучила кон позициите на Алијансата. Но, знаеме дека во овој миг Македонија е под еден притисок на НАТО песимизам. Меѓутоа, се надевам дека овие луѓе кои во моментов се на чело на државата, сепак ќе покажат одредена про-НАТО ориентација и ќе покажат дека се на патот кон Алијансата“, вели тој.