Ретроспективна постановка на плакатите од досегашните изданија на манифестацијата, стрип-изложба „Токсична планета“, инсталација и јавна дискусија на тема иселување на младите насловена како „По друм одам мајче...“, презентација на документарниот филм „BT Toxic“ и дискусија за загадувањето, теренска работилница насловена „Фото глас – алатка за граѓански активизам на локално и регионално ниво, јавна дискусија „Родов гејминг за еднакви права“ со Ана Јовковска, Дебатно кино Контра-кадар со проекција на „Зелени ѕидови – црна храна“ - документарецот на Сандра Ѓорѓиева за животот во студентските домови во Македонија и концерти на ПАЛИНДРОМ, ЈУ, белградски ЕЛЕКТРИЧНИ ОРГАЗАМ и домашните херои БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА, се содржините на годинашното, 15-то по ред издание на Меѓународниот младински арт-фестивал „Битола отворен град “, што од 22 до 25 јуни, се одржува на неколку отворени локации на Широк сокак.
Целта на фестивалот чиј организатор е Младински културен центар, како независна, невладина, непартиска и непрофитна младинска организација основана во 1997 година, е да придонесе во афирмацијата на Битола како град со позитивни вредности и силна младешка креативна енергија, а според понудената програма овојпат тема во фокусот на случувањето е граѓанскиот активизам.
„Оваа година го поставивме Фестивалот во форма на една платформа кадешто многумина уметници, млади луѓе, припадници на граѓански организации, формални и неформални групи, ќе имаат простор да ги искажат своите ставови за општествено релевантни теми“, вели Маја Ангеловска, програмски менаџер на „Битола отворен град 2016“.
Таа посочува дека, во секој случај, културните активности односно уметноста е основната алатка која што ќе ја користат за изразување на таквите свои размисли.
Ангеловска дополнува дека, во времево на ваква социјална и политичка криза, традиционалните културни стереотипи се закануваат да ја задушат слободната урбана култура и дека преку овој вид на креативни уметнички форми, преку јавните дискусии, работилниците и уличните перформанси, преку инсталациите и концертите наново ќе се испрати порака дека „Граѓаните се пред сè“.
Ангеловска ќе рече дека во текот на изминатата деценија и половина на „Битола отворен град“ продефилирале голем број на млади уметници. Секој со своите ставови, секој со својата креација, авангардни, алтернативни, слободни, отворени и дека она по што стана карактеристичен овој Фестивал е тоа што не влегува во институциите, туку излегува на улица. Дека ги ставаат во функција сите простори на Широк сокак и околината во центарот на Битола, дека всушност нив ги претвораат во алтернативни сцени и ги вложуваат сите усилби да ја приближат уметноста до граѓаните.
„Со овој концепт во изминатите 15 години успеваме да ја однесеме културата до нејзините конзументи, односно да го истражиме ставот во една средина каде што граѓаните функционираат, движат често итн. Значи не ги повикуваме да не посетат туку едноставно настаните се случуваат онаму каде што е неминовно присуството на граѓаните. И, кога веќе се таму разбирливо е што се развива дискусија, што има реакција на понуденото. Тоа е, да речеме, еден момент, белег на Фестивалот во целиот овој изминат период“, вели таа.
Кон ова само уште информацијата дека проектот е поддржан од УСАИД Македонија.