Оние кои својата иднина решиле да ја побараат надвор од Македонија ги има се повеќе, а има многу приказни кои зборуваат дека парите што ги заработуваат ги насочуваат кон родниот крај каде што пак луѓето кои ги добиваат најмногу ги трошат за секојдневни потреби.
Податоци има професорот од Американскиот колеџ Марјан Петрески. Тој вели дека конзервативните проценки кои се базирани врз анкетни истражувања зборуваат дека парите од иселелениците изнесуваат околу 4 отсто од БДП.
Таа сума воопшто не е мала и изнесува околу 400 милиони долари годишно, вели Петрески објаснувајќи дека станува збор за пари кои иселениците ги праќаат преку банки и фирми за трансфер на пари.
„Тоа морам да кажам дека е конзервативна проценка затоа што при анкетите постои една тенденција на не кажување на точниот износ. Така што ако се земе тој факт за подрепортирање на дознаките тогаш се проценува дека тој износ може да достигне и до 10 проценти од БДП“
Ако се соберат тие пари и парите што се менуваат во менувачници тогаш сумата е многу повисока и во 2015 изнесувала 1,5 милијарди евра. Тоа би претставувало 20 насто од БДП, но упатените велат дека тоа е преценето, па веројатно е дека сумата изнесува околу десет отсто од БДП
Во Македонија има многу приказни кои зборуваат дека цели региони живеат од парите роднини кои својата иднина одлучиле да ја побараат надвор од земјава.
Истражувањата покажуваат дека повеќе пари кај своите роднини испраќаат иселениците Албанци во споредба со иселениците Македонци.
Последните неколку години за дебарчани како особено привлечна дестинација за работа и подобар живот беше и останува Америка. Поразувачки е податокот дека само во Америка има околу 15 илјади дебарчани, а голем е бројот и на оние кои живеат и работат во земјите на ЕУ, вели дебарчанецот Дритан Леши кој има многу роднини во Њу Јорк.
„Во оваа улица каде што живеам има вкупно 24 куќи. Отворени се само четири, сите други 20 се затворени бидејќи тие се иселени. Најмногу се иселени во Америка каде што има многу дебарчани. Иселениците ги издржуваат своите роднини во родниот крај. Нашите сестри и браќа помагаат. Ако не е таа помош тогаш тешко се опстојува“
Најголемиот дел од луѓето што си заминуваат се приморани на тоа поради тешката економска ситуација но и желбата на своите деца да им овозможат подобра иднина од онаа што се нуди во матичната земја.
За популарноста на иселувањето од Македонија зборуваат и приказните од Прилеп. Не е мал бројот на прилепски семејства кои живеат со парична помош што ја добиваат од нивните деца кои по работа заминале во странство. Но, ова е причина многу други семејства кои живеат во тешка економска ситуација да ја изгубат социјалната парична помош од државата.