Политичката разврска на кризата може да се случи единствено со помош на меѓународната заедница, оти македонските политичари немаат одговорност и свест за мисијата која треба да ја извршуваат како трибуни на народот. Ваква е оценката на домашната јавност откако кризата навлегува во други аспекти од нејзиниот развој, но со некои нови научени лекции.
Кога седнувате со нив, разговарате и давате изјави небаре сте се сретнале со еден обичен политичар од Швајцарија или од Португалија, да речеме, а не со ординарни балкански измамници, тоа веќе вие ги амнестирате.Арсим Зеколи, политички аналитичар.
Политичкиот аналитичар Арсим Зеколи, кој е гостин во неделното интервју на радио Слободна Европа вели дека апсолутно е невозможно кризата да ја решат македонските лидери. Од друга страна пак, Зеколи укажува дека однесувањето на меѓународните дипломати создава сериозни преседани.
„Кој било од странските дипломати во чии добри намери не треба да се сомневаме, но делата создаваат еден преседан на амортизација на таа оштрица на гневот и решителноста кон борбата против криминалот, корупцијата, не владеењето на правото и сето друго и создаваат еден модус операнди, еден модел по кој ќе следат и другите генерации политичари. Кога седнувате со нив, разговарате и давате изјави небаре сте се сретнале со еден обичен политичар од Швајцарија или од Португалија, да речеме, а не со ординарни балкански измамници, тоа веќе вие ги амнестирате, така што во сета оваа дебата за амнестијата на претседателот Иванов, многу малку се зборува за другите форми на амнестија кои се случуваат, а дел од таа амнестија е поведението на меѓународната заедница, за жал,“ вели Зеколи.
И поранешниот дипломат Благој Зашов е уверен дека наместо да го разрешат, македонските политичари го закочуваат преговарачкиот процес. Тоа им одговара на неколкумина за кои постои сомневање дека биле вклучени во криминални дејности, вели Зашов потенцирајќи дека странците се пресудниот фактор за изнаоѓање на некакво решение.
„Јас сум убеден дека ова прашање мора да се подигне на повисоко ниво и по ангажирањето на германскиот претставник Хајндл, да се ангажира и госпоѓа Могерини и таа активно да се вклучи. Можеби не во директните преговори, туку како еден од факторите во ЕУ кој е влијателен за решавање на такви ситуации, каква што е македонската“, изјави Зашов.
Зеколи, пак, укажува на според него салонскиот пристап на странските дипломати кон Македонија, алудираќи на протоколарните средби со лидерите во елитниот дел на Скопје, притоа не водејќи сметка за интересите на обичните граѓани кои ги среќавате во кое било маалско кафуле.