Има излез од кризата што ја осакатува Македонија

Добрата вест е дека има излез од оваа криза, но лошата е дека пржинскиот процес е блокиран и кризата продолжува да ја осакатува земјата, рече германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл.

Ревитализација на пржинскиот договор со обврзувачка рамка за реформскиот процес што претстои е единственото решение за излез од политичката криза, но за жал во земјава тој процес се блокира и одолговлекува, изјави денеска специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл по серија средби со лидерите на најголемите партии и државниот врв.

Добрата вест е дека има излез од оваа криза, а тоа е договорот од Пржино, неговите правила и принципи, кој го гради патот кон демократизација, стабилност и евроатланска интеграција, но лошата вест е дека овој процес е блокиран, кризата продолжува да ја осакатува земјата и искрено времето истекува.
Јоханес Хајндл, специјален пратеник на Германија за Македонија

„Добрата вест е дека има излез од оваа криза, а тоа е договорот од Пржино, неговите правила и принципи, кој го гради патот кон демократизација, стабилност и евроатланска интеграција, но лошата вест е дека овој процес е блокиран, кризата продолжува да ја осакатува земјата и искрено времето истекува“, вели тој.

Хајндл ја поздрави одлуката на претседателот Иванов за повлекување на сите аболиции, оставајќи простор повторно во центарот на вниманието да биде договореното во Пржино.

„Прво, партиите треба да се договорат за датум за изборите и да го направат тоа што е потребно за спроведување слободни и фер избори. Второ, на Специјалното јавно обвинителство мора да му биде овозможено да го исполни својот мандат без опструкции и трето, партиите мора да се договорат без одложување за спроведување на реформите нотирани во извештајот на Прибе. Тоа може да се постигне, изводливо е, се надевам ќе го сторат тоа, затоа што има позитивен момент којшто треба да го искористат“, рече Хајндл.

Амбасадорот не сакаше да одговара на новинарски прашања.

По средбите со Хајндл, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изразија согласност, а и подготвеност за реализација на обврските од Пржино и подготвеност за избори. Но, во меѓувреме владејачката ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека нема да дозволи повторно лицитирање со термини за нов датум за избори, сè додека СДСМ не каже дека избирачкиот список е прочистен.

„За нас не е проблем кој било термин, откако Заев ќе каже дека се создадени сите услови. Ниту граѓаните, ниту државата не заслужуваат ново лицитирање. Се покажа и на 24 април и на 5 јуни дека СДСМ е смртно исплашен од избори и не размислува за ништо друго, освен да најде образложение да избега, а да биде дел од влада без легитимитет добиен од граѓаните“, велат во владејачката партија.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, од друга страна вели избори се потребни час поскоро, но откако ќе бидат исполнети условите за нив без зависност од партиите и дека само на таков начин може да се утврди датум за избори.

„Ако притоа утврдувањето на датумот повторно зависи од политичката волја на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш е невозможно“, изјави Заев за Радио Слободна Европа.

Аналитичарите сметаат дека времето на тактизирање и на политичко надмудрување за разрешување на кризата е при крај. Партиите мора во наредниот период да се посветат на обврските од Пржино кои досега само делумно се исполнети, вели политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

„Мислам дека последните шанси, последните шанси да речам на политичките партии веќе се надѕираат. Така што, досега имаа доволно прилики да покажат на дело, но тие тоа не го сторија и еве до каде ја доведоа Република Македонија“, вели тој.

Лидерот на албанската опозициска партија ДПА Мендух Тачи е песимист и изјави дека напорот на Хајндл за оживувањето на договорот од Пржино, очекува да заврши неуспешно.

„Враќањето на старата власт е најголемиот проблем што сега го имаме“, рече тој.

По средбата, лидерот на ДУИ Али Ахмети не даде изјава. Во нивното соопштение се наведува дека политичките партии треба да се ангажираат за усвојување на законите и исполнување на условите за одржување на парламентарните избори како и да ја поддржат Државната изборна комисија и Специјалното обвинителство да ја вршат својата работа утврдена со закон.